Вести
ФЗО објави листа на достапни лекови за онколошките пациенти

Фондот за здравствено осигурување реагира на тврдењата објавени на социјалните мрежи и во медиумите за наводен недостиг на лекови за третман на рак. Со цел да се разјасни ситуацијата, Фондот ја информира јавноста за актуелната состојба со достапноста на овие лекови, се вели во соопштението од Фондот за здравствено осигурување, што МИА го пренесува интегрално.
Генерички лекови на позитивна Б листа (болничка листа)
Во кратка дефектура се Paclitaxel и Cisplatin
Paclitaxel: Овој лек кратко време беше во дефектура поради недоставување од страна на производителот. Сега е достапен на Клиниката за онкологија и е целосно рефундиран од Фондот. Пациентите кои го набавиле лекот со сопствени средства можат да поднесат барање за рефундација до Фондот. Малопродажната цена на лекот изнесува 2.165 денари.
Cisplatin: Лекот моментално е во дефектура поради отсуство на понуда на јавната набавка, иако постојат две регистрирани форми. Како замена, достапен е Carboplatin. Клиниката за онкологија го повтори тендерот, по што е добиена понуда, а испораката се очекува во наредните денови.
Nab-Paclitaxel и Octreotide: Овие лекови се во подолга дефектура, вклучително и Octreotide (бренд име Sandostatin), кој недостасува околу две години поради недостаток на интерес од добавувачите. Сепак, овие лекови се рефундираат од Фондот. Клиниката за онкологија има активен јавен повик и е во очекување на испорака.
Иновативна биолошка терапија
Потврдуваме дека биолошката терапија, предвидена со условниот буџет на Клиниката за онкологија, е достапна за пациентите.
Позитивна А листа (аптека)
Летрозол и анастрозол од летото 2025 година се префрлени на позитивната А листа и се достапни во аптеките низ земјата без прекин. Станува збор за генерички лекови, од кои се регистрирани четири брендови во Македонија.
Фондот за здравствено осигурување е посветен на подобрување на снабдувањето со лекови и обезбедување континуитет во терапијата за сите пациенти.
октомври 7, 2025