Вести
Плаколм и Грашич со поддршка за разговори меѓу Скопје и Софија за надминување на спорот

Австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања, Нева Грашич даваат целосна поддршка на дијалогот меѓу Скопје и Софија, кој македонската Влада го најавува дека ќе се случи по изборите, односно по Нова година.
Плаколм и Грашич денеска во Скопје на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, одговорајќи на новинарско прашање за најавените разговори, но и дали нивните земји ќе се обидат да ја убедат Софија да разговара, нагласија дека во секој случај тие се силни поддржувачите на дијалогот.
– Секако дека сме поддржувачи на дијалогот и Австрија го поддржува процесот на пристапување и ќе поддржиме се што е потребно за да видиме опипливи резултати во преговорите – нагласи таа.
Додаде дека не само во однос на земјава или Западен Балкан, туку воопшто Австрија смета дека билатералните прашања треба да се дискутираат и решаваат билатерално, а кога станува збор за проширувањето членките треба да зборуваат во еден глас.
– И затоа сметаме дека токму квалификуваното мнозинство ќе помогне во тоа – додаде Плаколм.
Грашич се надворза дека билатерализацијата на процесот на проширување е секако загрижувачка.
Таа нагласи дека процесот не смее да се блокира со билатерани прашања, бидејќи и на самата ЕУ и се потребни и членките, но и кандидатките, поради сменетата геополитичка состојба и поради безбедноста.
– Секоја рамка, секој дијалог, кои ќе ги поттурнат Северна Македонија и Бугарија ги поздравуваме и ги поддржуваме – рече таа и изрази задоволство што и Советот на ЕУ и претседателот Антонио Кошта, како и Европската комисија изразиле подготвеност за тоа.
октомври 6, 2025