Скопје
Митевски: Петровец е урбана и модерна општина која ги поседува сите потреби на граѓаните, продолжуваме со нови проекти

Кандидатот за градоначалник на Петровец, Борче Митевски, во гостување на Радио Лидер, говореше за поддршката што ја добива од граѓаните, без разлика на политичката, етничката или националната припадност. Митевски истакна дека во деловите со мнозинство на албански граѓани победува со 10 спрема 1, бидејќи тоа што го ветува и го реализира.
„Секогаш кога одам по сите населени места, нивниот изговор е ние гласаме човек, во делови каде што живеат повеќе муслимански семејства, како што се Горно и Долно Коњари, чифлик, Чојлија, може да замислите победувам со 10 спрема 1, ама треба во континуитет тие луѓе да ги почитуваш, јас не правам разлика меѓу, Македонци, Албанци, Роми, Срби, јас сите си ги третирам подеднакво исто и ги почитувам и тоа тие го ценат. Со реализација на проекти во сите населени места, не е запоставено ниту едно населено место’’, истакна Митевски.
Митевски истакна дека е исклучително горд на тоа што бројот на жители од минатиот попис до овој, бројката на жители е зголемена за околу 1000 луѓе, бидејќи како што вели тој, Петровец е веќе урбана општина и ги има сите потреби кои им требаат на граѓаните.
„Обезбедени им се градинки, нашето училиште е прогласено за најдобро училиште во државата. Имаме пешачка патека во Петровец, канализациона мрежа во Огњанци некаде 60% е покриено, сега втората и последна фаза. Направивме спортска сала во Огњанци, спортска сала во средно Коњари, Катланово, сите училишта каде што има дечиња има и спортска сала. Фудбалски терени кои ги задоволуваат потребите на втората лига. Кога дојдов јас имаше само еден клуб ФК Петровец, сега има плус ФК Ржаничино, ФК Средно Коњари, ФК Долно Коњари и што највеќе се гордеам, сите овие клубови имаат подмладок’’, појасни тој.
Во следните 4 години, Митевски најави нов забавен парк во училиштето во вредност од 4 милиони денари, каде што има и теретана на отворени и спортски терен. Планирано е да се направи и терен за баскет со трибини, како и терен за фудбал со вештачка трева.
„Тоа ќе биде еден мини спортски центар, каде што ќе можат граѓаните од најмала возраст до поголема возраст, сите да бидат во тој круг, бидејќи е голема површината и место каде што сите ќе го најдат својот мир, а младите да се забавуваат’’, најави Митевски.
октомври 6, 2025