Connect with us

Останати спортови

Ѓоргиев: Добивме тешка група, но сонуваме за нешто историско

Капитенот Никола Ѓоргиев оцени дека групата во која се најде македонската одбојкарска репрезентација на вчерашната жрепка за Европското првенство (ЕП) 2026 е исклучително тешка, но целта останува пласман во нокаут фазата.

Македонските одбојкари ќе играат во групата Б во Варна против светскиот вицешампион Бугарија, европски првак Полска, како и селекциите на Украина, Португалија и Израел.

„На ЕП 2026 ќе влеземе со една поинаква математика– да си ја играме нашата игра и да си ја гледаме нашата работа и да сонуваме. Искусни сме, веќе имаме три ЕП зад нас и знаеме како е и да се победува и да се губи. На претходното ЕП игравме и осминафинале и од тоа имаме искуство. Групата е тешка, но имаме шанси за нешто историско. Без еуфорија, со многу работа и посветеност и да бидеме најдобри кога ќе биде најпотребно. Потешко можеше, а можеше да биде и полесно, но самото тоа што сме на уште едно ЕП носи големо задоволство“, изјави капитенот Ѓоргиев за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Европското првенство ќе се одржи од 9 до 26 септември идната година, а заеднички ќе го организираат Италија, Бугарија, Финска и Романија.