Connect with us

Свет

Францускиот премиер планира да ги придобие социјалистите со воведување данок на приходи над 250.000 евра

Францускиот премиер Себастијан Лекорни планира да воведе данок на лица со годишни приходи над 250.000 евра, со цел да ги придобие опозициските социјалисти да го поддржат буџетот за 2026 година на неговата нова француска Влада, објави денеска финансискиот весник „Ехо“.

Весникот наведува дека Лекорни планира две мерки, од кои секоја би била насочена кон даночните обврзници кои пријавуваат приход поголем од 250.000 евра, или 500.000 евра за брачни парови, со цел да се зголемат буџетските приходи за дополнителни три милијарди евра следната година.

Првата мерка би била обновување на еднократниот данок воведен минатата година од претходникот на Лекорни, Франсоа Бајро, таканаречениот CDHR (диференцијален придонес за високи приходи) или „минимален данок“, што има за цел да обезбеди сите домаќинства со високи приходи да плаќаат најмалку 20 проценти од својот приход во даноци.

Малцинската влада, исто така, сака да ја запре праксата на супербогатите да ги користат холдинг компаниите како еден вид касичка,како дел од акцијата за оптимизација на даноците предводена од министерката за буџет и јавни расходи во заминување, Амели де Моншален.

„Ехо“ наведува дека Министерството за финансии идентификувало околу 30.000 финансиски структури кои би биле опфатени со оваа мерка, особено оние кои собираат дивиденди, но никогаш не ги прераспределуваат, со што избегнуваат плаќање данок на дивиденди.

Според весникот, мерката поврзана со холдинг компаниите треба да донесе нешто повеќе од една милијарда евра во 2026 година, а заедно со другите мерки, вкупниот очекуван дополнителен придонес на најбогатите поединци би изнесувал помеѓу четири и 4,5 милијарди евра.

Лекорни минатиот месец стана петтиот премиер на францускиот претседател Емануел Макрон за две години, откако парламентот го отстрани Бајру поради неговите планови за спроведување на буџетски намалувања од 44 милијарди евра следната година.