Економија
Димитриевска-Кочовска пред младите професионалци од јавниот сектор од Западен Балкан: Вашата улога е клучна за модерни институции и посилен развој

Младите професионалци од јавниот сектор од земјите на Западен Балкан, учесници на студиската посета организирана во рамки на проектот WeLead, денеска беа во посета на Министерството за финансии, каде што имаа можност да се сретнат со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и да се информираат за работата на институцијата и нејзината улога во водењето на економската политика и управувањето со јавните финансии.
Во своето обраќање министерката истакна дека младите луѓе се идни носители на промени во јавниот сектор и дека нивната улога е клучна за градење поефикасни, потранспарентни и модерни институции.
„Вие сте носители на нови идеи, енергија и визија. Вашата улога во градењето на поефикасни и потранспарентни институции е од суштинско значење за иднината на сите наши земји”, порача министерката.
Во однос на регионалната димензија, таа потсети дека Македонија е активен член и претседавач со Управниот одбор на ЦЕФ – Центарот за извонредност во финансиите, преку кој се спроведува и програмата WeLead, истакнувајќи дека „националниот напредок и регионалната соработка одат рака под рака”.
На крај, министерката ги охрабри младите учесници да бидат храбри во промовирањето нови идеи, да ја негуваат отчетноста и транспарентноста и да ја искористат посетата за размена на искуства и создавање на нови партнерства.
октомври 2, 2025