Свет
Павел ги повика гласачите да не ѝ ја препуштат Чешка на Русија

Претседателот на Чешка, Петр Павел, во обраќање до нацијата пред редовните парламентарни избори на 3 и 4 октомври, ги повика Чесите да излезат на изборите и да изберат стабилна влада која нема да ѝ ја препушти Чешка на Русија и нејзините обиди да ја обнови својата сфера на влијание во Средна и Источна Европа.
Во кусо обраќање емитувано на главните чешки телевизии, Павел ги оспори паролите од кампањата на кандидатите дека станува збор за пресудни избори кои ќе го менуваат уставниот поредок во земјата.
– Сепак, на овие избори во игра се многу нешта, пред сè поради влошената безбедносна ситуација во Европа и светот и губењето на сигурноста која до неодамна изгледаше неоспорна. Чешка има потреба од влада која ќе го заштити нашиот суверенитет во заедницата на демократски земји и која нема да нè препушти на Русија и нејзините напори да ја обнови својата сфера на влијание во Средна и Источна Европа, рече тој.
Чешкиот претседател им советуваше на гласачите да гласаат дури и кога не им се допаѓаат одредени лица на листите на партијата на која инаку би ѝ дале глас.
– Нема ништо полесно од тоа да искористите преференцијални гласови и да ги заокружите имињата на четири свои кандидати. Ако не излезете на избори, други ќе одлучуваат за вас без вас, рече Павел.
Чешкиот претседател вети дека ќе ја почитува волјата на граѓаните изразена на изборите и ги отфрли лажните вести кои се шират на социјалните мрежи дека изборите се манипулирани.
– Тие лаги ги шират и некои кандидати, очигледно подготвувајќи се за евентуален неуспех, додаде Павел.
октомври 1, 2025