Connect with us

Вести

МОН го финансира учеството на меѓународни натпревари, подготвува и концепција за талентирани ученици

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска го посети Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет-Скопје по повод успесите на учениците и нивните ментори на две олимпијади по хемија оваа година од кои се вратија со медали.

На Меѓународната олимпијада по хемија во Дубаи, матурантите Марио Ванчоски и Петар Мирчевски освоија сребрен односно бронзен медал, како и една пофалница – за Теона Ана Георгиевска, а на најстарата олимпијада по хемија – „Менделеев“ во Бело Хоризонте во Бразил, тие се вратија со два бронзени медала.

Првпат по 11 години од учествата на Сојузот на хемичарите и технолозите од Македонија на меѓународните натпревари, Министерството за образование и наука годинава им ги покри трошоците за нивното учество.

Министерката Јаневска рече дека денешниот настан е организиран за да се уважат младите кои освојуваат медали на меѓународни олимпијади каде што, рече, постигнуваат извонреден успех. Соопшти дека се подготвува концепција за талентирани ученици.

-МОН ги поддржува талентираните луѓе и оваа година ги покри сите трошоци за учество на една олимпијада, а, пак, учениците ќе имат можност да аплициаат за да си остварат дополнителни права за талентирани ученици. Министетството и во иднина ќе продолжи да ги спонзорира и мотивира најумните деца од Македонија. И не само нив, и сите останати со сите можности што ги има на располагање. Дополнително од тоа што ќе ги покриеме трошоците на учениците и нивните ментори, во моментов се изработува и концепција за талентирани, што значи особено внимание ќе обрнеме на оние деца кои всушност ја претставуваат оваа земја, а овој момент се најдобрите амбасадори на нашата татковина, изјави Јаневска.