Connect with us

Свет

Хипер: Кишињев тврди дека Русија обучува поединци во Србија за дестабилизирање на Молдавија

Имаме информации кои беа потврдени од властите на Молдавија дека во пресрет на парламентарните избори во земјата в недела, Русија обучила повеќе молдавски граѓани за дестабилизирачки активности, вклучително и за организирање насилни акции против полицијата, изјави денеска портпаролката на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер. 

– Според власти на Молдавија, овие активности и обуки се спроведуваат во Србија. Во моментов, според властите, приведени се 74 лица, кои соработуваат со полицијата. Целосно сме уверени во способноста на властите да ги спроведат истрагите и да обезбедат мирен и правичен процес, без какво било мешање, рече Хипер. 

Таа додаде да не сака да ги коментира информациите пласирани во српските медиуми дека според сознанија на руските разузнавачки служби, Европската Унија планира да ја дестабилизира Србија. 

– Не се впуштаме во коментирање на руската лажна пропаганда и дезинформации. За нас тоа е само уште еден од многуте обиди на Русија да шири дезинформации и непријателска политичка реторика против ЕУ и нејзините земји членки, рече Хипер. 

Во однос на Молдавија, таа додаде дека кампањата на ширење дезинформации и обидите за влијание не се новост и веќе беа видени на референдумот и претседателските избори во земјата  минатата година. 

– Не е првпат Русија да користи тактики за манипулација со дезинформации како според учебник, а прибегнува и кон многу други работи, како купување гласови и лажни тврдења за политичари, со што длабоко се меша во изборниот процес, рече Хипер. 

Според неа, цела на ваквите активности е да се поткопа довербата во молдавските власти, во демократските процеси и во европската перспектива на земјата.  

– Овие парламентарни избори се решавачки за европската иднина на Молдавија и ние цврсто ја поддржуваме на нејзиниот европски пат. Пораката (до Молдавците) е многу јасна дека гласот на молдавскиот граѓанин мора да биде според сопственото уверување, без какво било странско мешање. Ние сме импресионирани од силната отпорност и сите напори што властите ги вложуваат за да го обезбедат интегритетот на изборниот процес, додаде Хипер. 

Таа нагласи дека ЕУ изразува огромна политичка поддршка на Молдавија и има целосна доверба во нејзините капацитети да не потклекне пред притисокот и да ја обезбеди европска иднина на молдавските граѓани.