Connect with us

Свет

Залужни со критики за Зеленски: Украинската офанзива во Курск беше премногу скапа и неуспешна

Поранешниот украински воен командант, Валериј Залужни, ја критикуваше неуспешната прекугранична офанзива на Украина во руската Курска област, наведувајќи дека загубите биле неприфатливо високи.

„Цената на овие дејствија не ми е позната, но очигледно е дека беше премногу висока“, напиша Залужни, кој сега е амбасадор на Украина во Лондон, во напис за денешното интернет-издание „Дзеркало Тижња“ (Огледало на неделата).

Тој истакна дека руските сили не само што го спречиле украинскиот пробив, туку стекнале и тактички предности откако ја одбиле офанзивата.

Украинските трупи во август 2024 година започнаа изненадувачки напад во руската гранична област Курск. По неколку месеци борби, тие беа потиснати назад, при што Русија доби поддршка и од Северна Кореја.

Претседателот Володимир Зеленски ја оправда ризичната операција како начин за добивање предност во можните идни мировни преговори.

Залужни оцени дека војната, која сега влегува во третата година, достигнала состојба на продолжен ќор-сокак поради масовната употреба на дронови од двете страни.

„Практично е невозможно да се пробијат одбранбените линии. Секое концентрирање на трупи на фронтот или во тилот е откриено [со дронови], што прави изненадувачки напади за пробив речиси невозможни“, напиша тој, пренесува ДПА.

Тој додаде дека само брзото воведување на технолошки иновации како што се вештачка интелигенција и автономно оружје може да ја промени рамнотежата.

Залужни беше на чело на вооружените сили на Украина од јули 2021 до февруари 2024 година. По неуспешната украинска контраофанзива во летото 2023 година, тој предупреди во списанието „Економист“ за технолошки ќор-сокак – проценка што, според извештаи, дополнително ги влошила неговите веќе затегнати односи со Зеленски.

Откако беше разрешен од воена служба на почетокот на 2024 година, стана амбасадор во Велика Британија. Според анкетите, тој би бил сериозен предизвикувач за Зеленски доколку во земјата се укинe воената состојба и се одржат избори