Connect with us

Свет

Тихановскаја го предупредува Трамп да биде внимателен со Лукашенко

Белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека неговиот белоруски колега Александар Лукашенко се обидува да го измами со гестови како што е ослободување на затвореници.

Тихановскаја го изјави ова во интервју, на маргините на годишната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Трамп ги затоплува односите со Лукашенко овој месец, ублажувајќи некои санкции против Белорусија во замена за ослободување на политички затвореници. Американскиот претседател се пофали дека неговите лични контакти со неговиот белоруски колега се многу добри и дека има одлична комуникација меѓу нив.

Светлана Тихановскаја е во егзил откако избега од Белорусија поради притисок околу нејзиното учество како претседателски кандидат на изборите во 2020 година. На тие избори, Лукашенко освои шести претседателски мандат, што доведе до најголемиот бран протести во белоруската историја. Владата одговори на протестите со сурово задушување.

Заблагодарувајќи му се на Трамп за ослободувањето на белоруските затвореници, Тихановскаја ги предупреди САД „да не плаќаат премногу“ за малиот број луѓе што белорускиот лидер во моментов е подготвен да ги ослободи.

Вкупно 51 затвореник се ослободени неодамна, а Лукашенко ослободи повеќе од 300 луѓе во изминатата година.