Connect with us

Свет

Данска подготви компромисни предлог-реформи на Директивата на ЕУ за враќање на мигрантите

Данското претседателство со Советот на ЕУ подготви компромисен предлог на нацрт-измените на Директивата за враќање на мигрантите чии барања за азил се одбиени, со кои се отфрлаат некои од клучните елементи од оригиналниот текст на документот што го предложи Европската комисија. 

Со данскиот предлог, по кој денеска почнуваат консултации на техничко ниво, се отфрла предлогот за задолжително признавање на налозите на една членка за враќање на мигрантите од страна на сите земји од ЕУ, со што на националните власти би им се дал поширок простор околу прашањата за депортација. 

Дополнително, со предлогот се поедноставуваат правилата за „доброволно враќање“ на мигрантите во нивните земји на потекло или престој. 

Со предложените измени од страна на ЕК се предвидува реформа на Директивата за враќање на ЕУ усвоена во 2008 година, преку поедноставување на постапките за депортација на илегалните мигранти, па дури и можност за создавање на т.н. „центри за враќање“ во трети земји, каде би биле сместени одбиените баратели на азил додека трае процедурата за нивно депортирање.  

Дополнително, Комисијата предлага создавање и на посебен механизам за солидарност, преку кој би требало заеднички да се покриваат трошоците за згрижување на мигрантите на земјите кои се соочуваат со најголем миграциски притисок. 

Распределбата на товарот од трошоците е уште едно прашање за кое земјите членки имаат различни мислења и ставови. Со цел надминување на овие разлики, еврокомесарот за внатрешни работи и миграција за 1 октомври свика неформален состанок на министрите во чија надлежност е миграциската политика од Данска, Германија, Грција, Италија, Франција и Шпанија. 

Актуелизирањето на прашањето за реформа на регулативата за депортација на ЕУ доаѓа во време кога во рамки на реконструкцијата на својата Влада, данската премиерка Мете Фредериксен ресорот миграција му го додели на Расмус Стоклунд, кој во јавноста во Данска е познат по своите остри ставови кон мигрантите. 

Во 2021 година Стоклунд во една изјава имплицитно ги спореди мигрантите што се бават со криминал со „плевел што треба да се искорени“. Лани тој објави книга под наслов „Никој не е над Судот“, во која го обвинува Европскиот суд за човекови права дека презема овластувањата од властите на земјите членки за прашања поврзани со миграцијата.