Регион
Албанскиот претседател бара столица за Косово во ОН: Тоа е чин на правда

Претседателот на Албанија Бајрам Бегај за време на своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, повика на поддршка за членството на Косово во ОН, нарекувајќи го тоа „чин на правда“.
– Придонесот на Косово кон регионалната и пошироката соработка е неоспорен, а сепак, столчето на Косово во ова Собрание останува неправедно празно, рече Бегај во својот говор, пренесе Радио Слободна Европа на албански јазик.
Тој изјави дека признавањето на независноста на Косово и поддршката за неговото членство во ОН и другите меѓународни организации е „чин на правда“ и клучен чекор кон консолидација на мирот на Западен Балкан.
„Седумнаесет години по прогласувањето на независноста, Косово со своето дејствување покажа дека е одговорен член на меѓународната заедница, посветен на мирот, стабилноста и демократските вредности, со силни институции“, додаде Бегај.
Независноста на Косово, прогласена во 2008 година, е признаена од 119 држави, од кои повеќето се членки на ОН. Сепак, членството на Косово во ОН е особено отежнато поради фактот што две од петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето – Кина и Русија – не ја признаваат неговата независност и ја поддржуваат Србија.
Србија енергично се спротивставува на членството на Косово во меѓународните организации, бидејќи и понатаму го смета за нејзин дел. Овој став го повтори и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој претходниот ден во Генералното собрание изјави дека Косово е „неотуѓив дел на Србија“ и „главна оска на идентитетот, културата и духовното наследство на Србија“.
септември 25, 2025