Политика
Сајкоски: Победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори ќе овозможи подобрување на квалитетот на живот на граѓаните

Партиски истражувачко – аналитички центар на ВМРО-ДПМНЕ – „Љубиша Георгиевски“ (ПИАЦ) организираше панел дискусија на тема ,,Програмите на кандидатите за градоначалници се одраз на идеите и предлозите на граѓаните директно и предизвиците кои ги воочивме во изминатиот период“, на која гостуваа Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и Иванка Василевска, координатор на комисии на ВМРО-ДПМНЕ, а модератор беше директорот на ПИАЦ, Светислав Васев, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.
Сајкоски истакна дека во изминатите четири години, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ успешно одговориле на предизвиците, реализирале голем дел од ветените проекти, а некои и над планираното. Според него, фокусот останува на основната инфраструктура и подобрување на квалитетот на живот, со цел граѓаните да останат и живеат во Македонија, затоа ВМРО-ДПМНЕ најавува уште посилна работа со поддршка и на централно и на локално ниво.
,,Во изминативе 4 години градоначалниците кои што беа поставени од ВМРО-ДПМНЕ одговорија на сериозните предизвици пред кои се најдоа и исполнија она што беше ветено пред граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ и сите градоначалници во нашата држава успеаја да ја реализираат програмата. Направивме одвоени состаноци со секој од нив и секој од нив кажа дека не само што имаат реализирано програмата дел и имаат и 20% направено плус проекти направено плус за граѓаните“, вели Сајкоски.
Сајкоски истакна дека граѓаните ја препознаваат ВМРО-ДПМНЕ како партија која што работи и исполнува, а се она што ќе биде ветено во идната програма мора да биде испочитувано од страна на градоначалниците, и во фокус на интересот на граѓаните. :,, Верувам дека и во следниот период со следната програма со следните проекти секој градоначалник тоа што го ветил пред граѓаните мора да го исполни. Тој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој додаде дека изминатите 4 години градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се соочуваа со сериозни пречки, бидејќи според него, откако ја преземале функцијата градоначалник, општинските каси биле празни, а долговите зголемени. Затоа, како што вели Сајкоски, оваа програма е изградена заедно со граѓаните.
,,Програмата се работеше со широк опфат, односно градоначалниците беа постојано со граѓаните и така се градеше оваа програма на ВМРО-ДПМНЕ. Сите градоначалници беа на терен од месец март, направивме една сериозна акција за посета на месни комитети, месни заедници, здруженија на граѓани и секој поединец којшто чувствуваше потреба дека нешто треба да се направи за неговата заедница денес ќе биде ставено во идната програма на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Сајкоски.
Сајкоски кажа дека се уште постојат основни инфраструктурни проблеми во многу населени места, како што се недостаток на фекална и атмосферска канализација, слаби водоводни системи и мрежи. Според него, овие проблеми се основни потреби на секој граѓанин и мораат да бидат приоритет на секој градоначалник, а решавањето на овие проблеми ќе создаде стабилни основи за живот, што ќе овозможи понатамошно подобрување на условите за живот на граѓаните.
,,Треба да почнеме од основните потреби она што е најосновно и значајно за граѓаните, па потоа да се движиме кон подобрување на квалитетот на живот. Затоа препоракатѕа и очекувањaта од секој градоначалник е да работи во насока во овозможување на основни услови за живот, а потоа да се подобрат условите во здравството, во средното и основното образование“, истакна Сајкоски и додаде: ,,Најнапред сакам една порака да испратам до граѓаните: Со силна централна власт и со централна власт која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и со локална власт која што е предводена од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, ќе испорачаме многу“.
Сајкоски на крај додаде дека очекува секое населено место да има квалитетна патна, водоводна и канализациона инфраструктура, како и спортски сали за младите, а секој градоначалник треба да се бори за секој граѓанин и да ги реализира ветените проекти. Според него, победата на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе овозможи вистинска работа, реализација на заостанати проекти и напредок што ќе покаже дека Македонија може да биде лидер на Балканот по квалитет на живот и развој.
,,Да испорачаме добар квалитет за граѓаните, на таков начин ќе спречиме нашите граѓани да размислуваат, да одат, да патуваат во странство или да работат таму, затоа што навистина тука може да овозможиме добри услови и за живот и за работа и за се што е потребно за да не го гледаат своето живеење надвор од нашата држава. Ние имаме таква задача, задача во централна власт и локална власт да ги убедиме граѓаните дека може и треба да биде подобро место за живеење тука, нашата Македонија и сите општини и градови во нашата држава“, заклучи Сајкоски.
септември 18, 2025