Connect with us

Свет

Сто илјади демонстранти на протест во Лондон предводени од крајнодесничарскиот активист Томи Робинсон

Над 100.000 демонстранти учествуваа на денешниот протест во Лондон, организирано од крајнодесничарскиот активист Томи Робинсон, соопшти лондонската полиција.

Протестот, одржан под слоганот „Да го обединиме Кралството”, беше проследен и со контрапротест на движењето „Исправи се против расизмот”, со околу 5.000 учесници.

Полицијата распореди над 1.000 службеници низ улиците на британската престолнина, воспоставувајќи тампон-зона меѓу двете групи за да се спречат судири. Британските медиуми јавуваат дека неколку полицајци биле нападнати од поддржувачите на Робинсон.+

Според поддржувачите на Робинсон, чие вистинско име е Стивен Јаксли-Ленон, на протестот учествувале над три милиони луѓе, што е значително повисока бројка од официјалните податоци.

Робинсон, познат по своите националистички и антимигрантски ставови, го опиша протестот како борба за слободата на говорот и заштита на британското наследство. Демонстрантите носеа знамиња на Англија и Обединетото Кралство, скандирајќи „Си ја сакаме земјата назад” и држејќи транспаренти со пораки како „Запрете ги бродовите” и „Спасете ги нашите деца”.

Контрапротестите упатија порака против крајната десница со транспаренти „Добредојдовте, бегалци”.

Протестите се одржуваат во време на жестоки дебати за мигрантите што нелегално влегуваат во Велика Британија преку Ламанш Ова лето имаше повеќе протести пред хотели каде се сместени мигранти, по инцидентот со етиопски државјанин осуден за сексуално злосторство врз 14-годишно девојче во предградие на Лондон, што доведе до судири и апсења.

Робинсон, основач на националистичката „Англиска лига за одбрана”, претходно беше во затвор поради кршење на судска забрана за ширење клевета против сириски бегалец. Тој останува влијателна фигура меѓу крајната десница во земјата.