Connect with us

Свет

Полска крена во воздух борбени авиони поради закана од руски дронови

Полската армија и сојузничките сили денеска кренаа во воздух борбени авиони во рамки на „превентивна“ операција во полското воздушно пространство поради опасност од удари со дронови во украински области близу границата, соопштија полските власти.

Локалната администрација во источниот град Љублин потврди дека аеродромот таму е затворен.

Операцијата следува по навлегувањето на повеќе руски дронови во полското воздушно пространство во средата, што го натера НАТО да испрати ловци за нивно пресретнување.

Оперативната команда на полската армија соопшти дека противвоздушната одбрана и разузнавачките системи се во состојба на зголемена готовност и нагласи дека акцијата е од превентивен карактер, со цел заштита на граѓаните и обезбедување на националното воздушно пространство.

Полскиот премиер Доналд Туск објави на социјалните мрежи дека превентивни воздушни операции се изведуваат поради заканата од руските дронови во соседните украински области.

Полската служба за воздушна навигација соопшти дека аеродромот во Љублин е затворен поради активност на воената авијација.