Свет
Реакции за упадот на руски дронови во воздушниот простор на Полска

Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен го нарече нарушувањето на воздушниот простор на НАТО од страна на Русија „неприфатливо“, пренесе белгиската новинска агенција Белга.
– Мораме уште повеќе да ја зголемиме нашата будност и да реагираме соодветно на секоја форма на руска агресија, напиша тој на Х, Тој, исто така, повика да се даде приоритет на снабдувањето со противдронски средства, додавајќи дека наскоро следи „голема набавка“.
Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, дроновите кои ноќеска го нарушија полскиот воздушен простор биле дел од полноќниот напад врз Украина, кој вклучувал над 400 дронови. Најмалку осум дронови навлегле во воздушниот простор на НАТО, што според него е „исклучително опасен преседан за Европа“.
– Москва секогаш ги тестира границите на можното, рече Зеленски во објава на Х.
– Потребен е силен одговор – и тој може да биде само заеднички одговор од сите партнери. Русија мора да почувствува дека војната не може да се проширува и мора да биде прекината, додаде украинскиот претседател.
Финскиот претседател Александар Стуб предупреди дека инцидентот „ја нагласува сериозноста на безбедносната ситуација и оти е неприфатлив“.
Литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис ја обвини Русија дека „намерно“ ја проширува својата агресија.
– Повторените непромислени нарушувања на воздушниот простор на НАТО од страна на Русија претставуваат директна закана за безбедноста на луѓето и критичната инфраструктура, рече Будрис.
Претседателот на Летонија истакна дека инцидентот е „јасен доказ дека руската агресија во Украина директно влијае врз нас“.
Чешкиот премиер Петр Фијала изјави дека е „тешко да се поверува“ дека синоќешниот инцидент бил случајност. „Режимот на Путин ѝ се заканува на цела Европа и систематски истражува колку далеку може да оди“, додаде тој.
Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет, изјави дека инцидентот е потсетник дека „безбедноста на еден е безбедност на сите“.
– Полска е во право што презема неопходни чекори за одбрана на својот суверенитет, нагласи тој.
Британскиот премиер Киер Стармер го осуди „грубото и невидено нарушување на полскиот и воздушниот простор на НАТО од страна на руски дронови“ и ја нагласи поддршката на Велика британија за Полска и Украина.
– Варварскиот напад врз Украина и грубото и невидено нарушување на полскиот и НАТО воздушниот простор од страна на руските дронови е длабоко загрижувачко, рече Стармер во изјава објавена од неговиот кабинет.
– Ова беше исклучително непромислен потег на Русија и само потсетува на очигледното непочитување на мирот од страна на претседателот (Владимир) Путин и на постојаното бомбардирање со кое се соочуваат невини Украинци секој ден, додаде тој.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изрази целосна солидарност со Полска во врска со инцидентот со дроновите.
– Нарушувањето на територијалниот интегритет на Полска е неприфатливо. Овој случај исто така докажува дека нашата политика за промовирање на мир е оправдана и разумна. Живеењето во сенката на војна доаѓа со ризици и опасности. Време е да се стави крај на ова! Затоа ги поддржуваме мировните напори на претседателот Трамп, напиша Орбан на Фејсбук.
септември 11, 2025