Connect with us

Свет

Кој е новиот премиер на Франција, Себастијан Лекорни?

Новоизбраниот премиер на Франција, Себастијан Лекорни, служеше во шест последователни влади откако претседателот Емануел Макрон дојде на власт во 2017 година, извршувајќи повеќе функции, од кои последната беше министер за вооружени сили.

Лекорни (39) претходно бил државен секретар во Министерството за еколошка и инклузивна транзиција (2017 – 2018), министер-делегат за локални власти (2018 – 2020) и министер за прекуморски територии (2020 – 2022). Потоа беше назначен за министер за вооружени сили на Франција, функција што ја извршуваше три години во владите на Елизабет Борн, Габриел Атал, Мишел Барние и Франсоа Бајру, пренесува БФМ.

Француската телевизија оценува дека изборот на Лекорни на чело на владата не е изненадување, потсетувајќи дека тој беше фаворит и по изгласувањето недоверба на Мишел Барние во декември 2024 година.

Покрај неговата лојалност кон Макрон, се наведува дека Лекорни е избран за премиер и поради блиските врски со левицата, како и добрите односи со крајно десничарското Национално обединување (РН).

– Добро е воспитан, пристоен човек е. Имаме добар однос со него, рекол еден пратеник на РН пред именувањето.

Пред да ѝ се приклучи на партијата Република во движење во 2017 година, Лекорни бил член на републиканците, но истата година бил исклучен од нивните редови.

Според БФМ, новиот премиер сега го очекуваат тешки преговори со различните партии во Парламентот за усвојување на буџетот – задача во која повеќемина негови претходници под Макрон не успеаја.

Иако ретко се појавува во медиумите, Лекорни стана познат поради војната во Украина, настојувајќи да организира „повторно вооружување“ на Франција и европските безбедносни гаранции за Киев. Тој, исто така, беше во првите редови во напорите за зајакнување на европската одбранбена индустрија, особено во соработка со Германија.

По терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, Макрон го испрати на регионална турнеја за преговори околу ослободување на француските заложници од Појасот Газа. Лекорни подоцна изјави дека неговата позиција во Министерството за одбрана му овозможила да управува со „најголемиот геополитички пресврт од Втората светска војна“.