Connect with us

Ракомет

Гарабаја: Сакам нашите навивачи да уживаат во нашата игра

Новата сезона ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер ја почнаа со две победи. Во Супер купот беше совладан големиот конкурент Вардар, а во првото лигашко коло Бутел. Шпанскиот стратег на клупата на „битолчани“ Рубен Гарабаја утре го има вистинскиот прв тест.

–  Имавме одлична претсезона и сега сите ракометари се подготвени за Лигата на шампионите. Загреб е компетитивен тим, играат одлична одбрана, посебно во средината. Треба да ја наметнеме нашата игра и да играме како што игравме во периодот на подготовки. Подготвен сум да ја доживеам атмосферата во Битола. Сите ми кажуваа откако пристигнав и сакам навивачите да уживаат во нашата игра и да се радуваат на победа на секој наш домашен натпревар, изјави тренерот Гарабаја.

Еурофарм Пелистер е дел од групата Б, а ривали покрај Загреб му се уште: Висла, ПСЖ, Барселона, ГОГ, Магдебург и ПИК Сегед.