Свет
Јужна Кореја ги заврши преговорите со САД за ослободување на вработени во Хјундаи

Јужна Кореја ги заврши преговорите со САД за ослободување на јужнокорејските државјани задржани од американските имиграциони власти, кои работеле во фабрика на „Хјундаи“ во Џорџија, јави агенцијата Јонхап повикувајќи се на претставник на претседателството во Сеул.
Според соопштението, по завршување на административните процедури во САД ќе биде испратен авион за враќање на работниците во Јужна Кореја.
Американските имиграциони власти во четвртокот уапсија 475 лица, најголем дел од нив јужнокорејски граѓани, во една од најголемите производствени фабрики во Џорџија – фабриката на „Хјундаи Мотор“ вредна 7,6 милијарди долари, каде што веќе една година се склопуваат електрични автомобили.
Акцијата била насочена пред сè кон соседен производствен објект што сè уште е во изградба, каде „Хјундаи“ работи во партнерство со „Ел Џи Енерџи Солиушн“ за производство на батерии за електрични возила.
Во документите доставени до судот оваа недела, американското обвинителство навело дека сè уште не е познато која компанија или подизведувач ги ангажирал „стотиците нелегални работници“. Засега не е утврден вистинскиот работодавач на незаконски ангажираните лица.
септември 8, 2025