Технологија
„Тојота“ го модернизира погонот во Чешка заради производство на новиот електромобил

Европскиот огранок на „Тојота“ го објави почетокот на сериското производство на нов електричен автомобил во својата веќе постоечка фабрика „Тојота мотор манфактјуринг – Чешка Република“ (ТММЦЗ) во Колин, Чешка. Ова ќе биде првото целосно електрично возило од јапонскиот бренд коешто ќе се произведува во Европа.
Тој потег беше официјализиран на состанок на чешката Влада од страна на премиерот Петр Фијала, министерот за индустрија Лукаш Влчек и претседателот на „Тојота мотор Европа“, Јошихиро Наката. За почеток на производство на новиот модел, „Тојота“ ќе вложи приближно 680 милиони евра во проширување и модернизација на фабриката. Објектот ќе се прошири од 152.000 на 173.000 квадратни метри, а ќе бидат изградени и нови работилници за заварување и фарбање, како и линија за склопување батерии. Владата ќе издвои до 64 милиони евра за новиот погон за батерии.
Сѐ уште не е објавен датум за почеток на производството. Според првичните податоци, се очекува првите единици да почнат да бидат готови во 2028 година.
Моментно, „ТММЦЗ“ во мигов произведува „Ајго Икс“ и „Јарис хибрид“ – вкупно околу 220.000 автомобили годишно.
Воведувањето на погон за ново електрично возило ќе значи и можност за отворање нови работни места.
Фабриката во Колин работи од 2002 година и веќе има произведено повеќе од 4,5 милиони автомобили. Денес, таа има 3.200 вработени. Од 2024 година, таа е дом и на првиот европски мегалогистички центар на „Тојота“, којшто ги услужува продавачките капацитети во Германија, Австрија, Полска, Словачка, Унгарија и Чешка.
септември 6, 2025