Свет
ЕК ги достави на усвојување трговските договори со Меркосур и Мексико

Европската комисија денеска до Советот на ЕУ ги достави на усвојување Договорот за партнерство меѓу Европската Унија и Јужноамериканскиот заеднички пазар (Меркосур) и Наградениот глобален договор меѓу ЕУ и Мексико, оценувајќи дека тие претставуваат клучен дел од стратегијата на блокот за диверзификација на трговските односи и за зајакнување на економските и политичките врски со партнерите низ целиот свет.
– Договорот за партнерство меѓу ЕУ и Меркосур и Глобалниот договор меѓу ЕУ и Мексико се издвојуваат како стратешки камен-темелници што ќе го отклучат пристапот до нови пазари, ќе ја подобрат глобалната конкурентност на компаниите од ЕУ и ќе ни обезбедат клучна предност во динамичниот латиноамерикански регион, порача еврокомесарот комесар за трговија и економска безбедност Марош Шефчович, при презентацијата на одлуката.
Според него, воспоставувањето на широката мрежа на договори за слободна трговија на ЕУ, која е најголемата во светот, претставува витален адут во напорите за одржување на економска предност на Унијата.
Европската комисија нагласува дека овие договори ќе создадат можности за извоз на европските компании од неколку милијарди евра, ќе придонесат за економски раст и зајакнување на конкурентноста на ЕУ, ќе поддржат стотици илјади европски работни места и ќе ги промовираат интересите и вредностите на Унијата.
– Тие ќе ги зајакнат вредносните синџири и ќе и помогнат на ЕУ да го прошири својот опсег на сигурни извори за критични материјали и суровини. Во време на растечка геополитичка нестабилност, овие договори не поврзуваат поблиску со стратешки важните партнери, обезбедувајќи заедничка платформа за зајакнување на меѓусебната доверба и справување со заедничките глобални предизвици, вклучително и модернизацијата на глобалниот трговски систем базиран на правила, порача ЕК.
Според Комисијата, двата договори ја потврдуваат заедничката посветеност на почитување на човековите права, мултилатерализмот и меѓународниот мир и безбедност и тие ќе го зајакнат ангажманот на ЕУ за клучни прашања, како што се одржливиот развој, транснационалниот организиран криминал и миграцијата.
Договорот меѓу ЕУ и земјите од Меркосур – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај покрива пазар од над 700 милиони потрошувачи и се проценува дека ќе придонесе за раст на годишниот европски извоз во регионот до 39 проценти и ќе го олесни инвестирањето на компаниите од Унијата. Со намалувањето на царините за прехранбените производи се предвидува дека нивниот извоз од ЕУ во Меркосур ќе се зголеми за речиси 50 проценти. Од друга страна, Договорот предвидува и мерки за заштита на земјоделскиот сектор во ЕУ од прилив на поевтини земјоделско-прехранбени производи од Јужна Америка.
Ревидираниот договор меѓу ЕУ и Мексико, чија првична верзија е склучена во 2000 година, предвидува укинување на царините за извоз на некои европски прехранбени производи на мексиканскиот пазар, како сирењето, живината, свинското месо, тестенините, јаболката, џемовите, чоколадата и виното, а во исто време и пристап на компаниите од хемискиот и фармацевтскиот сектор од Унијата до клучни суровини.
За да стапат во сила двата договори треба да бидат ратификувани во Европскиот парламент и одобрени од земјите членки во Советот на ЕУ.
Договорот меѓу ЕУ и Меркосур беше склучен уште минатата година, но Европската комисија досега го одложуваше доставувањето на документот на усвојување поради противење на делови од неговата содржина од страна на некои од земјите членки, пред се Франција и Полска, каде што земјоделците и еколошките групи стравуваат дека тој ќе придонесе за намалување на домашното земјоделско производство.
Француската Влада инсистира на „дополнителни заштитни мерки за земјоделството“ и според дипломатски извори преговараше со Комисијата за „придружен документ“ на Договорот со кои би се регулирале овие прашања.
Сепак, според проценките, дури и да не се согласат да го поддржат Договорот, Франција и Полска не би можеле да обезбедат доволно поддршка во Советот на ЕУ за да го блокираат неговото усвојување.
Од друга страна, за да се спречи усвојување на Договорот со Меркосур, францускиот либерален европратеник Паскал Канфин иницираше постапка за негово оспорување на пред Судот на ЕУ.
септември 4, 2025