Свет
Еколози ја обоија фасадата на Саграда Фамилија во Барселона

Две климатски активистки денеска ја испрскаа фасадата на црквата Саграда Фамилија во Барселона со црвена боја, демонстрирајќи против пасивноста во справувањето со климатската криза, за која екологистите тврдат дека е одговорна за шумските пожари што ја опустошија Шпанија.
Во видео материјал објавен од здружението Futuro Vegetal на социјалните мрежи, се забележува како активистите се приведени од страна на обезбедувањето, откако го испрскаа долниот дел од столбот на познатата катедрала, скандирајќи „Климатска правда“.
“Со овој протест, еколошката група го осудува недостигот на акција од страна на владата против климатската криза и нејзините последици врз пожарите што ова лето ја опустошија Шпанија и поголемиот дел од Европа”, наведе Futuro Vegetal.
Саграда Фамилија, проектирана од архитектот Антони Гауди (1852-1926), која сѐ уште не е завршена, е една од главните знаменитости на Барселона.
Во текот на август, Шпанија беше зафатена од серија разорни шумски пожари во кои животот го загубија четири лица, а беа уништени над 350.000 хектари.
Овие пожари претставуваат “една од најголемите еколошки катастрофи” што земјата ги доживеала во последните години, изјави шпанската влада, која обемот на катастрофата го поврза со климатските промени.
Futuro Vegetal во изминатите години организираше десетици слични протести, кои многу музеи ги осудија како вандализам, вклучувајќи и протест од 2022 година, кога нејзини активисти ги залепија своите раце на рамките од сликите на шпанскиот мајстор Франциско де Гоја во музејот Прадо во Мадрид.
септември 1, 2025