Connect with us

Свет

Германија и Франција со заеднички совет за економија и безбедност

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе претседаваат со заеднички владин совет во Тулон, посветен на економски и безбедносни политики.

Средбата е прва во ваков формат по промената на владата во Берлин годинава. Синоќа двајцата лидери имаа неформална средба во летната резиденција на Макрон, Форт де Брегансон.

Макрон изјави дека по години затегнати односи со поранешниот канцелар Олаф Шолц, соработката со Мерц претставува нов почеток. – Верувам дека француско-германскиот тандем сега е совршено усогласен за изградба на посилна Европа во економијата, трговијата и монетарната политика, потенцираше Макрон.

Мерц, пак, нагласи дека „Германија и Франција играат централна улога во Европската Унија и на континентот“.

Состанокот се одржува во време на политичка криза во Франција, каде премиерот Франсоа Бајру на 8 септември ќе побара доверба во парламентот, со можност владата да падне.

Подоцна во текот на денот ќе се одржи и француско-германски Совет за одбрана и безбедност, на кој ќе се разговара за европско производство на оружје и заеднички одбранбени проекти.