Свет
Велика Британија ја интензивира борбата против т.н. злосторства од чест

Британската Влада денеска објави нови мерки за подобро спречување и борба против така наречените злосторства од чест, по неколку случаи што го шокираа јавното мислење. Мерките ќе вклучуваат насочена обука и голема кампања за подигање на свеста.
Така наречените злосторства од чест вклучуваат секаков вид насилство врз девојчиња и жени во име на традиционалниот кодекс на честа, а честопати овие злосторства ги извршуваат членови на семејството.
Предолго време се дозволуваше овие катастрофални злосторства, што вклучуваат убиство, осакатување на женски гениталии и принуден брак, да се случуваат во сенка, соопшти британското Министерство за внатрешни работи.
Владата изјави дека ќе работи на нова законска дефиниција на феноменот со цел подобро да ја земе предвид неговата специфична природа, бидејќи таквиот вид криминал сè уште е маргинализиран.
Во Англија и Велс се евидентирани 2.755 вакви прекршоци, се наведува во владиното соопштение, без да се прецизира временскиот период во кој се извршени овие прекршоци.
август 30, 2025