Свет
Анкета: Повеќе од половина Романци не го сметаат легионерското движење за криминално

Цели 59 отсто од Романците не веруваат дека профашистичкото и антисемитско легионерско движење од меѓувоениот период било криминална организација, покажува истражување на компанијата „Авангард“, цитирано од „Диџи24“.
Само 24 отсто се согласуваат со ова тврдење, додека 17 отсто немаат мислење или не одговараат.
Мислењата се уште поподелени за маршалот Јон Антоанеску, диктатор на Романија во Втората световна војна, кој водел профашистичка влада од 1940 до 1944 година, поврзана со злосторства против Евреите. Според анкетата, 35 отсто го сметаат за херој, 29 отсто за воен злосторник, а 36 отсто немаат став.
Истражувањето се осврнува и на цитат од Корнелиу Зелеа Кодреану, основач на „Железната гарда“ (легионерското движење) во 1927 година: „Да направиме држава како скапоцено сонце на небото“. Половина од Романците го поддржуваат цитатот, додека 38 отсто се против.
Анкетата на „Авангард“ е спроведена кон крајот на август на примерок од 1.100 испитаници преку телефон, со статистичка грешка од +/- 3 отсто.
Темата доби на актуелност поради кандидатурата на крајнодесничарот Калин Георгеску за претседател на Романија, кој е обвинет за „легионерска пропаганда“ по цитирањето на Кодреану и изразувањето поддршка за неговите фашистички идеи. И лидерката на суверенистичката партија „СОС Романија“, Дијана Шошоака, актуелна европратеничка, е под истрага откако го нарече Кодреану патриот.
август 30, 2025