Connect with us

Живот

Небинарните лица во Белгија ќе можат да добијат лични карти без ознака за полот 

Небинарните лица во Белгија во иднина ќе можат да побараат од нивните лични карти да биде отстранета ознаката за полот, информира белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтан. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, првичната идеја беше за небинарните лица, односно оние кои не се идентификуваат ниту како припадници на машкиот, ниту на женски пол, да се воведе ознаката „Х“, покрај веќе постоечките ознаки „М/Н“ за мажите и „V/F“ за жените или половата ознака целосно да се отстрани од личните карти. 

Сепак, според весникот „Њузблад“, на крајот е решено да постојат два типа лични карти, едни во кои ќе постои ознаката за полот, и други во кои нема да биде означена половата припадност на носителот на документот за идентификација. 

Инаку, како што најави Квинтан на почетокот на минатиот месец од ноември идната година граѓаните и жителите на Белгија ќе можат да бараат да им бидат издадени електронски лични карти, кои ќе ја имаат иста важност како и стандардните, пластични.