Connect with us

Филм

Како жените што ги „ловеа“ неверните мажи ја измамија Америка? Netflix открива шокантна вистина

Новиот документарец на Netflix, достапен и за гледачите во регионот, открива една од најнеобичните измами во историјата на американската телевизија – и тоа токму од жените кои требало да ги откриваат туѓите лаги.

На прв поглед, сè звучело како рецепт за реалити хит: група мајки-детективки кои ги следат и снимаат неверните мажи, откриваат афери и сето тоа – за телевизија. Но, наместо слава и гледаност, приказната завршила со уапсени, дрога, прислушувања и откажаната серија која никогаш не била емитувана.

Netflix документарецот Trainwreck: P.I. Moms ја раскажува вистинската приказна за создавањето и пропаста на реалити шоуто што никогаш не ја виде светлината на екраните.

Од реалити сон до криминален кошмар

Во 2010 година, новинарот Пит Крукс од магазинот Diablo добил повик од Лос Анџелес – му било предложено да напише приказна за приватната детективска агенција на Крис Батлер, кој вработил локални мајки како приватни истражителки.

Нивната специјалност? Да ги фатат неверните сопрузи „на дело“.
На терен, Крукс заедно со една од жените, Дениз Антун, го снимил токму тоа – маж кој се бакнува со друга жена на паркинг. Сè изгледало премногу совршено. Телевизиската мрежа Lifetime веќе преговарала за шоу насловено P.I. Moms San Francisco, со буџет од 4 милиони долари и 8 епизоди.

Паѓањето на маските

Само неколку дена подоцна, Крукс добил анонимен мејл:
„Сè што видовте е лажно. Сите се платени актери.“

И навистина – документарецот прикажува како измамата полека излегувала на површина. Еден осомничен маж признал дека знаел однапред дека ќе биде следен. Сомнежите укажувале на саботажа одвнатре.

Главниот саботер бил Карл Марино, поранешен полицаец кој учествувал во проектот – но во позадина го минирал сопственото шоу, со цел сам да стане ѕвезда.

Скандалот добива кривична димензија

Уште полошо – Марино открил дека Батлер, организаторот на целата идеја, бил вмешан во трговија со дрога, стероиди и Ксанакс, кои ги добивал од корумпирани полициски извори.

Кога ситуацијата излегла од контрола, Марино почнал да соработува со властите и носел таен прислушен уред. Апсењето било организирано во самата детективска агенција, каде што Батлер бил фатен со три килограми метамфетамин.

Проектот пропаѓа, животите се распаѓаат

Lifetime веднаш ја откажала серијата, а продуцентот Лукас Плат морал лично да им ја соопшти веста на тимот и на жените. Особено болно било за Ами Вилт, која отворено зборувала за својата лична трагедија – загуба на дете – со надеж дека ќе им помогне на други жени.

Во 2012 година, Крис Батлер призна вина за трговија со дрога, изнуда и незаконско прислушување. Осуден е на осум години затвор. Серијата P.I. Moms никогаш не беше емитувана, а многу од жените беа осудувани од јавноста, иако и тие самите биле жртви на измама.

Иронично, Карл Марино, саботерот, ја оствари својата амбиција – станал актер во серијата Homicide Hunter, каде глумел… полициски детектив.