Connect with us

Филм

(Видео) Balloon Boy: Netflix ја откри вистината за случајот што го шокираше светот

Петнаесет години по несекојдневниот настан кој го привлече вниманието на целиот свет – кога родителите пријавија дека нивниот шестгодишен син одлетал со метеоролошки балон над Колорадо – Netflix ја објави новата документарна серија Trainwreck: Balloon Boy, која го отвора случајот одново.

Документарецот, премиерно прикажан на 15 јули, ја следи приказната на семејството Хин, чиј домашен експеримент со балон во 2009 година прерасна во медиумска сензација од светски размери – и подоцна во истрага за измама.

Светот трагал по детето – а тој спиел на таван

Во октомври 2009 година, Ричард и Мајуми Хин пријавиле во полиција дека нивниот син Фалкон (6) случајно влетал во самоградениот балон. Следувала драматична потрага од неколку часа – од земја и воздух – додека телевизиите во живо го следеле летот на балонот.

Но вистината излегла на виделина подоцна: Фалкон бил дома, скриен на таванот над гаражата, каде заспал откако бил укорен од татко му.

Сомнежите во приказната се засилиле кога, гостувајќи кај Лери Кинг, малиот Фалкон на прашање зошто не одговорил кога го барале, рекол:
„Ми рековте дека тоа го правиме за емисијата.“
Таа реченица предизвикала лавина обвинувања дека целата драма била измислена за слава.

Случајна паника или наместена драма?

Сега, 22-годишниот Фалкон, во документарецот раскажува што всушност се случило тој ден. Велел дека се обидел да се качи во балонот, но татко му го прекорил, па од страв се сокрил на таванот – каде заспал.

„Мислев дека направив нешто страшно. А всушност бев шестгодишно дете, и возрасните кажуваа што ним им одговараше“, вели Фалкон.

Семејството претходно учествувало во реалното шоу Wife Swap, што дополнително ги зголемило сомнежите дека инсценирале настан за да добијат своја ТВ емисија.

Судска завршница – и помилување

По истрагата, Ричард признал вина за влијание врз службено лице, а Мајуми за лажно пријавување. Тој добил 90 дена затвор, таа 20 дена.

Сепак, и денес семејството тврди дека не се работело за намерна измама.
„Зошто би направил нешто што може да ме однесе во затвор?“, прашува Ричард во документарецот. „Сакавме пари – не слава.“

Во 2020 година, гувернерот на Колорадо ги помилуваше, наведувајќи дека „државата треба да гледа кон иднината“.

Реакции на публиката

По објавата на документарецот, следуваа бурни реакции на мрежите.
„Најглупавата измама некогаш. Да имаше TikTok тогаш, ќе беа милионери“, пишува еден корисник. Друг коментира: „Мислев дека е вистина, а сега сум разочаран.“
Многумина сметаат дека повторното појавување е само обид да добијат нови пет минути слава.