Свет
Марсеј денеска забрани собири, во Париз блокиран влезот во Лувр
Марсеј ги забрани јавните собири и протести во поголемиот дел од денешниот ден, одлучија локалните власти, откако градот за време на викендот беше зафатен од насилни протести и грабежи, додека во Париз во текот на утрото беше блокиран влезот во музејот Лувр.
Забраната во Марсеј ќе биде во сила од пладне до 20 часот по локално време. Властите на овој втор по големина град во Франција ги забранија сите „собири и протести“ по насилството и грабежите кои избувнаа на маргините на саботните протести.
Се очекува министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез во текот на попладнето да го посети Марсеј.
Во Париз, пак, пристапот до музејот Лувр денеска го блокираа студенти кои се мобилизираа за да изразат „поддршка“ за движењето на средношколците и да ја осудат „полициската репресија“, јавија локалните агенции повикувајќи се на управата на музејот и од два синдикати.
„Горди сме што можеме да објавиме дека го блокираме најголемиот музеј во светот“, се наведува во леток што бил поставен во близина на Лувр.
Според управата, протестот на студентите не е директно поврзан со музејот, кој само се користи како „платформа за пренесување на пораката“. Поради блокадата, музејот денеска не можеше нормално да ги отвори вратите во 9 часот.
Протестот е продолжение на движењето на средношколците кое почна во средината на септември, а се одржува два дена по големиот национален протест против високите трошоци за живот, кој во бројни француски градови прерасна во хаос.
октомври 19, 2026


