Свет
Провинцијата Алберта денеска на референдум одлучува за отцепување од Канада
Жителите на богатата со нафта западна канадска провинција Алберта гласаат на референдум за тоа дали да останат дел од Канада или да започнат процес што би довел до последователен, правно обврзувачки, референдум за отцепување.
Движењето за независност кое со години се залага Алберта да се одвои од Канада од културни и економски причини, успеа да ги убеди провинциските власти да распишат референдум за ова прашање.
Поддршката за движењето доаѓа од различни средини. Некои во нафтената индустрија веруваат дека еколошките прописи ги ограничуваат нивните активности, а многумина кои протестираа против ограничувањата поради коронавирусот и задолжителните вакцини, оттогаш се приклучија на движењето за независност.
Алберта е меѓу најконзервативните канадски покраини, но поддржувачите на отцепувањето долго време се малцинство меѓу локалното население.
Неодамнешните анкети покажуваат дека околу 70% од жителите се за тоа покраината да остане дел од Канада, додека околу 20% се за отцепување, а останатите сè уште не одлучиле како ќе гласаат.
Премиерката на Алберта, Даниел Смит, канадскиот премиер Марк Карни и двете главни политички партии во земјата постојано се изјаснуваат против отцепување. Спротивно на тоа, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изрази поддршка за движењето за независност.
Смит постојано ја поддржуваше Алберта да остане дел од Канада, иако се согласи да распише референдум под притисок од поддржувачите на независноста.
Според покраинската изборна администрација, Алберта има околу 5 милиони жители, од кои околу 3,1 милиони имаат право на глас. Гласачките места се отвораат во 9 часот наутро и се затвораат во 18 часот по локално време (ноќескае во 2 часот по македонско време), иако гласањето по пошта и гласањето однапред лично веќе се одржаа.
Гласачите ќе гласаат на вкупно 10 прашања, а прво ќе се пребројува гласањето за одвојување. Изборните службеници велат дека резултатите би можеле да бидат објавени уште утре.
Калгари, со население од околу 1,68 милиони жители, е најголемиот град во Алберта, по што следува покраинскиот главен град Едмонтон, кој има 1,28 милиони жители. Провинцијата е позната и по своите национални паркови во Карпестите Планини, кои привлекуваат туристи од целиот свет.
октомври 19, 2026


