Connect with us

Свет

Прва пленарна сесија на ЕП во 2026 во светло на најновите случувања околу Гренланд и договорот со Меркосур

Односите ЕУ-САД, Гренланд, случувањата во Иран и Венецуела, заемот за Украина, договорот на Унијата со Меркосур, иницијативата за недоверба на Европската комисија и приоритетите на Кипарското претседателство со Советот на ЕУ, ќе бидат меѓу главните точки на дневниот ред на првото пленарно заседание на Европскиот парламент во оваа година, што од денеска до четврток ќе се одржи во Стразбур.

Заседанието почнува доцна попладнево со дебати за новата правна рамка за иновативни компании, за достапноста и снабдувањето со критични лекови и за директива за создавање работни места и ревитализација на локалните економии. Од овие дебати ќе произлезат извештаи по кои европратениците ќе се изјаснат утре.

Во продолжение ќе следи дебата по иницијативата на групата Патриоти за Европа (ПФЕ) за изгласување на недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен поради склучувањето на трговските договори со Меркосур. Гласањето на европратениците по иницијативата е превидено за в четврток.

Утре заседанието ќе започне со дебата за справување со лажните содржини генерирани од вештачката интелигенција заради сексуалната експлоатација на социјалните медиуми. Според најавите, се очекува европратениците да повикаат на посилно и побрзо спроведување на законите на ЕУ за да се спречи злоупотребата на алатките на вештачката интелигенција за создавање илегална сексуална содржина.

По ова претседателот на Кипар, Никос Христодулидес пред европратениците ќе ја презентира програмата на шестмесечното Кипарското претседателство со Советот на ЕУ, што започна на 1 јануари.

Во утрешниот термин за гласање, меѓу другото, европратениците треба да се изјаснат за забрзување на постапката за одобрување на заемот од 90 милијарди евра покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година.

Во попладневното продолжение на заседанието европратениците ќе дебатираат на тема „Територијалниот интегритет и суверенитет на Гренланд и Кралството Данска“, при што ќе се расправа за одговорот на Европската Унија на аспирациите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд.

По ова ќе следи дебата за правата на патниците во авиосообраќајот, по што в среда европратениците ќе гласаат за ажурирање на уредбата за правата на патниците во делот за исплата на надомест при доцнење на летовите од најмалку три часа.

За утре се предвидени и дебати на европратениците со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, за „бруталната репресија“ на властите врз учесниците на протестите во Иран, како и за ситуацијата во Венецуела по смената на претседателот Николас Мадуро и потребата од мирна демократска транзиција во земјата.

Утре Европарламентот ќе расправа и за законот за кибербезбедност, како и за годишните извештаи за 2025 година за заедничката надворешна и безбедносна политика, за заедничката безбедносна и одбранбена политика и за човековите права и демократијата во светот. За усвојување на извештаите европратениците ќе се изјаснат в среда.

В среда заседанието ќе започне со клучната дебата на овонеделната сесија, во чии рамки европратениците ќе дебатираат со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за резултатите од Самитот на ЕУ одржан минатиот месец и потребата од посилна и посуверена Европа во услови на зголемени геополитички тензии.

По оваа дебата ќе се одржи свечена седница по повод 40-годишнината од пристапувањето на Шпанија и Португалија во Европската Унија, во чии рамки на европратениците ќе им се обратат шпанскиот крал Фелипе Шести и португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза.

Европскиот парламент усвои резолуција со која предупредува дека состојбата во областа на владеењето на правото во Унгарија и Полска се влошила од активирањето на членот 7, кој предвидува сусп

Во терминот за гласање в среда покрај за измена за правата на авиопатниците и за неколкуте годишни извештаи, европратениците ќе се изјаснат за предлогот за барање мислење од Европскиот суд на правдата за компатибилноста на договорите ЕУ-Меркосур со основачките документи на Европската Унија, како и за Договорот за Фронтекс меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина.

Меѓу другото, европратениците ќе треба да се изјаснат и по Предлог-извештајот за односите ЕУ-САД, во кој се наведува дека Унијата мора да ја зајакне својата стратешка автономија и се нагласува потребата Европа да преземе поголема одговорност за својата безбедност.

Сесијата в среда попладне ќе продолжи со тематска дебата на иницијатива на Европската народна партија (ЕПП) насловена „Враќање на контролата врз миграцијата: враќање, визна политика и соработка со трети земји“.

По ова ќе следат дебати за предлог-законот за дигитални мрежи, за справувањето со онлајн пиратерија на спортски и други настани во живо, за Самитот ЕУ-Индија, за обид за преземање на литванскиот јавен радиодифузен сервис и заканите по демократијата во Литванија, за претседателските избори во Хондурас и за состојбата со човековите права, демократијата и владеењето на правото во Централноафриканската Република и во Хонг Конг.

На последниот ден од сесијата, в четврток, европратениците ќе дебатираат за потребата од прилагодување на ЕУ на актуелните безбедносни предизвици поврзани со заканите од дроновите и нови системи на војување, за Новиот акциски план за спроведување на Европскиот столб на социјални права, како и за Заедничката акција за справување со зголемената употреба на смртна казна.

Во терминот за гласање, покрај за иницијативата за недоверба на Европската комисија, европратениците, меѓу другото, ќе се изјаснат и за „Брутална репресија врз демонстрантите во Иран“ и за Извештајот за европски технолошки суверенитет и дигитална инфраструктура.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1