Connect with us

Свет

Британска Влада: Иран е непријателска држава, приоритет е мирна транзиција на власта

Обединетото Кралство сака да види „мирна транзиција“ на власта во Иран, изјави министерката за транспорт Хајди Александар.

Таа истакна дека приоритет на Лондон е „запирање на насилството“. Во гостување на ТВ каналот „Скај Њуз“, Александар нагласи дека британската Влада отсекогаш го сметала Иран за непријателска држава која претставува безбедносна закана за Блискиот Исток и пошироко.

– Ситуацијата е загрижувачка и би сакале во иднина да видиме мирна транзиција каде што луѓето ќе можат да уживаат во основните слободи и враќање на вистинските демократски вредности во срцето на Иран, изјави Александар.

Од друга страна, лидерката на опозициската Конзервативна партија, Кеми Баденох, изрази поостар став, велејќи дека би било правилно САД да помогнат во соборувањето на раководството на Исламската Република. Таа навести дека би ја поддржала вклученоста на британското Кралско воено воздухопловство (РАФ) доколку е потребно, како дел од поширока меѓународна коалиција.

-Иран со задоволство би го збришал Обединетото Кралство доколку почувствува дека може да помине неказнето. Немам проблем со отстранување на режим кој се обидува да ни наштети, изјави Баденох за Би-Би-Си, потсетувајќи на неодамнешните воздушни напади во Сирија.

Британската министерка за надворешни работи, Ивет Купер, ја пофали храброста на демонстрантите, особено на младите жени, нагласувајќи дека слободата на говорот и мирното собирање се фундаментални права.

Протестите во Иран, кои започнаа на 28 декември поради економската криза, прераснаа во најсериозен предизвик за режимот во последните неколку години. Иако државата воведе информативен мрак, снимки од судирите постојано протекуваат на социјалните мрежи. Според „Хјуман рајтс активистс“, бројот на загинати се искачи на 116, а притворени се над 2.600 лица.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3