Хроника
ЈО издаде повеќе наредби за да се утврдат причините и начинот на смртта на 42 годишниот Тетовчанец кој беше пронајден мртов во возило
По наоѓањето на безживотното тело на 42 годишник од Тетово вчера во близина на селото Нераште, Јавното Обвинителство соопшти дека по извршениот увид се дадени повеќе наредби со цел да се расчисти смртта за која првично има сомневање дека е резултат на кривично дело. А.Б. (42) беше најден во возило, облеан во крв во главата, а на предното автомобилско стакло забележана е дупка од куршум.
-Извршен е увид на лице место, дадени се повеќе насоки и наредби со цел откривање на сторителите поради сомненија дека смртта е резултат на кривично дело. Дадена е наредба за обдукција, наредба за подигање на возилото и други траги од лице место на кои ќе се врши вештачење, наредба за обезбедување на снимки од видео надзор, како и други докази. По наредбите се постапува, соопшти денес Јавното обвинителство.
Во неделата околу 18 часот сега починатиот А.Б. (42) излегол од дома и не се јавувал на телефонските повици на неговата сопруга Б.Б. (33) која вчера во 2 часот го пријавила случајот во полиција.
СВР Тетово информираше дека вчера околу 16:15 часот во ниви во атар на село Нераште полициски службеници од Полициско одделение Теарце забележале паркирано возило „ауди“ со тетовски регистерски таблици, каде имало машко лице без знаци на живот. По увидот од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово било потврдено дека се работи за А.Б. од Тетово.
ноември 25, 2025

