Connect with us

Свет

Германија зависна од сојузниците: Странски служби спречиле голем број терористички напади

Терористички напади во Германија повеќепати биле спречени благодарение на помошта од странските разузнавачки служби, пишува весникот „Берлинер Цајтунг“.

 Најновиот случај, во кој беше уапсен 22-годишен Сириец во берлинскиот кварт Нојкелн, е веројатно уште еден пример за таква соработка, наведува весникот.

Специјалните единици го уапсиле осомничениот додека, како што се верува, тој подготвувал терористички напад. При претресот се пронајдени хемикалии погодни за изработка на експлозивна направа. Портпаролот на обвинителството не сакаше да открие дали дојавата за осомничениот пристигнала од странство или го откриле домашните истражители.

Според „Берлинер Цајтунг“, помошта од странските служби стана вообичаена пракса. Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Израел, а понекогаш и Холандија, претставуваат клучни партнери во откривањето и спречувањето на терористички активности, пред сè, благодарение на нивните напредни кибер-капацитети.

Од 2011 година, во Германија се спречени 13 терористички напади, од кои шест биле оневозможени токму благодарение на странски разузнавачки податоци. Германската Влада тоа официјално го призна во одговор на прашање од пратеник на ЦДУ во 2022 година. Оттогаш, бројот на спречени напади продолжил да расте.

Додека американските сервери анализираат милијарди текови на податоци, а британските аналитичари во реално време ги надгледуваат терористичките форуми, германските агенции често се ограничени со строги прописи за заштита на приватноста.

„Додека милиони граѓани на Германија без двоумење ги предаваат своите најчувствителни податоци на странски интернет компании, на домашните власти практично им е забранет пристап до истите тие податоци“, нагласува „Берлинер Цајтунг“.

Авторите предупредуваат дека Германија би можела да остане без заштита доколку нејзините сојузници, како САД или Велика Британија, еден ден одлучат да ја прекинат соработката. Во тој случај, земјата која со години се потпирала на туѓите ресурси во безбедносната политика, би се нашла во сериозен заостаток пред новите безбедносни предизвици.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3