Свет
Демократката Абигејл Спанбергер победи на историските избори за гувернер на Вирџинија
Демократката Абигејл Спанбергер победи на изборите за гувернер на Вирџинија, победувајќи ја републиканката Винсом Ерл-Сирс, сегашната заменик-гувернерка на државата, во клучна победа за демократите пред среднорочните избори во 2026 година, објавија американските медиуми.
Четириесет и шестгодишната Спанбергер, поранешна конгресменка на САД и офицерка на ЦИА, ќе стане првата жена гувернерка на Вирџинија, наследувајќи го републиканецот Глен Јангкин во заминување.
„Испративме порака до секој агол од државата, порака до нашите соседи и нашите сограѓани низ целата земја“, им рече Спанбергер на навивачите во Ричмонд, главниот град на Вирџинија. „Испративме порака до светот дека во 2025 година, Вирџинија го избра прагматизмот пред партиската припадност. Ја избравме нашата држава пред хаосот“, додаде таа.
Исто така денеска, демократката Газала Хашми победи на изборите за заменик-гувернерка на Вирџинија, наследувајќи ја републиканката Винсом Ерл-Сирс. Хашми ќе стане првата муслиманка што ќе освои функција на ниво на целата држава во САД.
Спанбергер ги доби изборите со кампања фокусирана на економски прашања, стратегија што би можела да послужи како пример за другите демократи следната година додека се обидуваат да ја одземат власта во Вашингтон од претседателот Доналд Трамп и републиканците и да освојат места во државните законодавни тела.
Во текот на својата кампања, Спанбергер изнесуваше внимателно изработени економски аргументи против политиките на Доналд Трамп, додека трошеше значителни суми пари за реклами што ја поврзуваа нејзината противничка, Винсом Ерл-Сирс, со претседателот. Таа одржа митинзи низ целата држава, вклучително и во областите каде што обично гласаат републиканци. Спанбергер ја нагласи својата поддршка за правата за абортус во последната јужна држава што сè уште не донела нови ограничувања или забрани за постапката. Таа, исто така, остро го критикуваше Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), делумното федерално затворање поради неуспешниот буџет и неговото негативно влијание врз државата, во која живеат неколку стотици илјади федерални вработени.
ноември 5, 2025

