Свет
Токио официјално го информира Пјонгјанг за желбата за средба на највисоко ниво
Јапонската премиерка Санае Такаичи денеска изјави дека Јапонија веќе ѝ го пренела на Северна Кореја својот предлог за одржување самит со лидерот Ким Џонг-ун, со цел решавање на долгогодишниот проблем со јапонските државјани киднапирани од севернокорејски агенти, јави јапонската новинска агенција Кјодо.
Такаичи, која стапи на функција на 21 октомври како прва жена премиер на Јапонија, рече дека сака отворено да разговара со Ким и да „постигне конкретни резултати“ на средба во Токио за прашањето со киднапираните Јапонци.
– Ќе направам сè што е во моја моќ во текот на мандатот за да постигнам пробив и да го решам проблемот, додаде Такаичи.
Минатата недела, Такаичи и американскиот претседател Доналд Трамп се сретнаа со членови на семејствата на киднапираните Јапонци за време на неговата посета на Јапонија. Трамп тогаш го потврди својот ангажман за решавање на овој проблем.
Јапонската Влада официјално регистрирала 17 лица како киднапирани од Северна Кореја во 1960-тите и 1970-тите години, со цел да се обучуваат севернокорејски шпиони и нивни роднини на јапонски јазик и култура. Јапонија, сепак, се сомнева дека Пјонгјанг е одговорен и за многу други исчезнувања.
Петмина од киднапираните беа репатрирани во октомври 2002 година по историските преговори меѓу тогашниот севернокорејски лидер Ким Џонг-ил и јапонскиот премиер Џуничиро Коизуми во Пјонгјанг, но оттогаш нема значителен напредок.
Северна Кореја, со која Јапонија сè уште нема дипломатски односи, тврди дека прашањето со киднапирањата е „целосно решено“.
ноември 4, 2025

