Connect with us

Свет

Италија го повика рускиот амбасадор поради изјавите на Захарова за кулата во Рим

Министерството за надворешни работи на Италија денеска го повика рускиот амбасадор во Рим, Алексеј Парамонов за да му упати официјална протестна нота поради изјавите на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, за уривањето на дел од историската кула Торе деи Конти во центарот на Рим, соопштија дипломатски извори за италијанската новинска агенција Анса.

Захарова во порака објавена на нејзиниот канал на Телеграм го поврза инцидентот со италијанската воена поддршка за Украина, наведувајќи дека „Италија целосно ќе пропадне, од економијата до своите кули, сè додека нејзината влада продолжи да ги расфрла парите на даночните обврзници“. Таа додаде дека Италија, според податоците на Министерството за надворешни работи на Русија, досега издвоила 2,5 милијарди евра за помош и воени придонеси за Киев, објави римскиот весник „Масаџеро“.

Италијанското Министерство за надворешни работи ги оцени изјавите на Захарова како „срамни и загрижувачки“, истакнувајќи дека тие „ја потврдуваат длабочината на вулгарноста во која западна руската политичка елита“.

„Никому во Италија не би му паднало на памет да ликува или да користи трагедија, додека народот на Италија сè уште е погоден од несреќата“, наведоа извори од италијанското Министерство за надворешни работи за „Масаџеро“, додавајќи дека Италија останува посветена на „солидарноста и пријателството со послабите, оние кои се во неволја и под напад и затоа го поддржува украинскиот народ“.

Дел од средновековна кула во центарот на Рим денеска се урна при што едно лице е сериозно повредено. Инцидентот се случил во историската кула од 13 век, Торе деи Конти (Torre dei Conti), која се наоѓа во фаза на реновирање. Кулата се наоѓа во близина на Царските форуми и Колосеумот, кои се популарни туристички атракции.

Повредениот е градежен работник. Тројца други работници првично биле заробени на горното ниво, но биле спасени со помош на подвижна скала.

Торе деи Конти била изградена во 13 век за време на понтификатот на папата Инокентиј Трети. Кулата, која сега е висока 29 метри, некогаш била висока околу 50 до 60 метри. Меѓутоа, горните катови биле оштетени од серија земјотреси во 14 и 17 век и подоцна урнати. Зградата е непогодна за живеење и напуштена веќе некое време.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2