Свет
Орбан: Единствени што навистина сакаат мир се САД
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во редовното интервју за радио „Кошут“ предупреди на зголемената опасност Европа да биде вовлечена во поширок вооружен судир, повлекувајќи паралели со периодот пред Првата светска војна.
– Ниту тогаш никој не сакаше голема војна, но континентот сепак беше вовлечен во неа. Истата опасност постои и денес, рече тој, додавајќи дека Унгарија мора цврсто да се определи за мир.
Орбан оцени дека европските лидери отворено заговараат судир со Русија, но дека ситуацијата сепак е подобра од минатата година, бидејќи САД – преку својот претседател – сега поддржуваат примирје.
– Денес само една голема сила сака мир – САД, изјави Орбан.
Премиерот нагласи дека Унгарија треба да ги поддржи напорите предводени од Вашингтон и изрази очекување дека наскоро повеќе европски земји ќе изберат влади ориентирани кон мир. – Ако Европа навистина сака мир, треба да го поддржи американскиот претседател, додаде тој.
Орбан рече дека унгарската Влада се подготвува за претстојната средба со американскиот лидер на 7 ноември, која ја опиша како „унгарски ден во Вашингтон“, посветена на целосен преглед на билатералните односи и подготовка на нов договор за економска соработка.
Осврнувајќи се на финансирањето на Украина, Орбан изјави: „Кој ја поддржува Украина, ја поддржува војната“. Тој оцени дека Брисел нема сопствени средства, туку располага само со пари од земјите-членки, па секое дополнително финансирање на Украина би значело зголемување на даноци или задолжување.
– Тоа би било финансирање на војна без ниту еден слободен цент, рече тој, критикувајќи ја опозициската партија Тиса дека би „им ги земала парите на луѓето“.
Орбан потсети дека економската стратегија по 2010 година донела реални резултати. – Она што го предлагаат економистите од Тиса веќе беше пробано – и пропадна, рече тој.
– Економистот гледа бројки, но креаторот на економската политика гледа луѓе, додаде Орбан, нагласувајќи дека Владата нема да воведува мерки на штедење, туку ќе се фокусира на реалните потреби на граѓаните.
Тој најави 15-процентно зголемување на платите во социјалниот сектор и потврди дека воведувањето на 14-тата пензија е приоритетна цел. – Не треба да се менува пензискиот систем – треба да се зголемат пензиите, изјави Орбан, потсетувајќи на повторното воведување на 13-тата пензија што претходно била укината.
ноември 3, 2025

