Свет
Руски суд конфискува имот од поранешен градоначалник на Владивосток во вредност од над 12 милиони долари
Ленинскиот окружен суд во Владивосток, во рускиот Далечен Исток, конфискува имот во вредност од 1 милијарда рубљи (околу 12,3 милиони долари) во корист на државата од поранешниот градоначалник на градот, Владимир Николаев.
– Судот во Владивосток конфискува во корист на државата имот на поранешниот градоначалник на Владивосток во вредност од 1 милијарда рубљи, соопшти прес-службата на судскиот систем во Приморскиот крај на Русија и прецизираа дека станува збор за имот на самиот Николаев и други лица обвинети во случајот.
Ова е второ барање за конфискација на имотот на Николаев и неговото опкружување. Во јули, судот веќе конфискуваше од семејството на Николаев повеќе од 590 милиони рубљи (околу 7,3 милиони долари). Тогаш во корист на државата беа одземени 821 недвижен имот на градоначалникот и други обвинети во случајот, вклучително и санаториумот „Амурски залив“, хотелот „Магнум“ и 12 парцели.
Николаев ја извршуваше функцијата градоначалник на Владивосток од 2004 до 2008 година. Тој поседуваше голем број компании во градот. На 27 февруари 2007 година, обвинителството во Приморскиот крај поднесе обвинение против него за злоупотреби и пречекорување на службените овластувања. Според истрагата, поранешниот градоначалник плаќал од градскиот буџет за своето лично обезбедување и полициска придружба на својот автомобил, за што немал право. Покрај тоа, тој беше обвинет за незаконско предавање на четири парцели на приватни лица. Како резултат на тоа, на градскиот буџет му е нанесена штета во износ од 17 милиони рубљи.
На 24 декември 2007 година, Ленинскиот окружен суд во Владивосток го осуди Николаев на четири и пол години условна затворска казна.
ноември 1, 2025

