Свет
Од Амстердам до Ла Валета: Прописите на ЕУ за абортусот, и слободоумни и ограничени
Законите за абортус низ Европската Унија се крајно различни: некои се вбројуваат во најслободоумните на целиот свет, а некои во најстрогите.
Според застапничката група Центар за репродуктивни права, само 34% од жените на репродуктивна возраст живеат во земји (77) каде што им е овозможен пристап до абортус. Велат дека абортусите „на диво“ предизвикуваат 39.000 смртни случаи годишно.
Европскиот парламент бара правото на абортус да биде вметнато во Повелбата за основните права на ЕУ, но за ова сè уште се води расправа – а за барањето да се прифати, потребно е сите земји членки да се согласат.
Шпанија на почетокот на октомври предложи да се внесе во Уставот женското право на прекин на бременоста, со што стана втора земја од ЕУ, по Франција, што го презеде овој чекор. Од друга страна, пак, земјите членки Малта и Полска имаат воведено речиси целосна забрана за абортус.
Многу земји се некаде во средина, но жените често не можат да си ги остварат правата што, на хартија, им припаѓаат: Проблемот со правото на абортус не е поврзан само со законодавството и прописите, туку и со практичните аспекти поврзани со достапноста на медицинската услуга.
Аргументи за уставно загарантираните права: Франција и Шпанија
Во март 2024 г., францускиот Парламент гласаше да го запечати правото на абортус во Уставот, со што стана првата земја во светот што толку експлицитно го заштитува. Според неколку анкети, околу 80% од населението го поддржува овој чекор. Претседателот Емануел Макрон се заложи и за вметнување на правото на прекин на бременоста во основниот закон на Европската Унија.
Во Европа, „веќе ништо не е врежано во камен и сè мора да се брани“, рече тој на церемонијата по повод уставно заштитеното право. „Затоа сакам оваа загарантирана слобода на одлука за абортус да биде впишана во Повелбата за основните права на Европската Унија.“
Абортусот во Франција е законски, на барање на бремената жена, до 14. недела на бременоста и може да го спроведат и општи лекари и акушерки.

Левичарската влада на Шпанија сака да го внесе правото на абортус во Уставот за да ги заштити жените од „реакционерниот бран“ за кој верува дека е поттикнат од крајнодесничарската и конзервативна опозиција.
Иницијативата уследи откако некои регионални влади предводени од конзервативната опозициска Народна партија одбија да го спроведат важечкиот закон за абортус. Поточно, одбија да создадат регистар на лица со приговор на совест, што би им овозможило на медицинските центри да знаат кој персонал го имаат на располагање за вршење абортуси.
Сепак, владата призна дека нема да биде лесно да се смени Уставот, бидејќи за тоа е потребна поддршка од три петтини од двата дома на парламентот, што е невозможно да се постигне без Народната партија. Владата ѝ се обрати за помош на Народната партија, чиишто лидери досега не изнесоа цврст став по ова прашање, и ја одбрани својата одлука да се обиде да го вметне абортусот во Уставот.
Во Шпанија абортусот е законски до 14. недела на барање на бремената жена и до 22. недела ако бременоста го загрозува здравјето на бремената жена или ако фетусот има аномалии. Услугите за абортус се достапни во клиниките.
Слободоумен пристап: Холандија, Шведска, Португалија, Данска, Финска и Белгија
Земјите во северна Европа претежно дозволуваат послободен пристап до абортуси, кој главно се разликува според периодот на бременоста во кој абортусот е законски.
Правилата на Холандија се едни од најлибералните во ЕУ, со тоа што абортусот е законски до 22-24. недела. Нема многу процедурални пречки; се чека пет дена и абортусот е широко достапен. Поради ова Холандија е дестинација за абортуси и за странци.
Во Шведска, абортусот е законски до 18. недела од бременоста, а потоа со посебно одобрување. Нема задолжителен период на чекање или советување, а услугите се широко достапни.
Прекинот на бременоста е законски дозволен на барање на бремената жена до 10. недела (во Португалија), 12. недела (во Финска) или 18. недела (во Данска). По овој период, абортусот се допушта со медицинска или правна причина.
Слободоумен, но со пречки
Во Австрија, Германија, Чешка, Луксембург, Ирска, Грција, Естонија, Летонија, Литванија, Бугарија, Романија, Словенија, Словачка и Кипар, абортусот е допуштен до 10-14. недела, во зависност од земјата, но различни се процедурите за да се побара абортус и тој не е подеднакво прифатен. Од здравствени причини или во случај на силување или инцест, можен е абортус и во поодмината бременост.
Во Германија, абортусот формално се смета за кривично дело, но не е казнив ако се изврши во првите 12 недели, по задолжително советување и тридневен период на чекање. Абортусот во поодмината бременост исто така е декриминализиран ако постојат медицински индикации или ако е по силување.
Пристапот зависи од регионот. Абортус е најтешко да се направи во јужните и традиционално католичките покраини, а најлесно на север и во поранешна Источна Германија.
Иницијативата од претходната централно-левичарска влада за да се легализира засега е одложена.
Ирска, долгогодишен бастион на католицизмот, го легализира абортусот во 2018 г. по убедливо изгласаното „за“ на референдумот со кој се поништи уставната забрана.
Во Романија, абортусот е законски до 14. недела од бременоста, а потоа во исклучителни случаи кога има опасност по животот на мајката или фетусот, по задолжителни строги и документирани медицински процедури. Иако абортусот е законски, не е секогаш достапен во јавните болници, каде што не е ни целосно субвенциониран, а трошоците можат да бидат пречка.
Според бугарското законодавство, избраниот абортус – прекин на бременост од причини што не се сметаат за медицински неопходни за да се спаси животот на бремената жена – може да се изврши до 12. недела од бременоста. Абортус во поодмината бременост е можен кога продолжувањето на бременоста би го загрозило животот или здравјето на мајката или преживувањето на фетусот. По 20. недела, се врши само за да се спаси животот на жената или ако има значителни морфолошки промени или тешко генетско оштетување на фетусот.
Бугарија речиси едногласно ги одобрува абортусите, изјави конзервативниот политички аналитичар Кристијан Шкварек во 2023 г. Една од причините што ги посочи беше што Бугарите не се длабоко религиозни, па затоа отстапуваат од ставовите за абортусот во други конзервативни општества како Полска.
Член 55 од словенечкиот Устав наведува дека секој е слободен да реши дали да има деца. Сепак, ова од неодамна стана предмет на сè пожестока расправа.
Противниците на абортусот веруваат дека овој член од Уставот треба да се укине, бидејќи негирањето на правото на живот на неродените деца придонесувало кон намалената стапка на наталитет. Противниците на абортусот се залагаат за уставни измени и тврдат дека единствено бил важен „животот од зачнување до природна смрт“. Поборниците за право на избор застапуваат општество каде што „репродуктивните права, социјалната инфраструктура и здравствената заштита не се привилегии, туку основни јавни добра“.

Словенечкиот институт „8 Март“ беше еден од главните организатори на кампањата „Мојот глас, мојот избор“, која повикува на финансиска поддршка од ЕУ за безбеден и достапен абортус. При презентирањето на собраните околу 1,1 милион потписи, институтот „8 Март“ ја нагласи важноста на тоа што кампањата се води од Словенија, а ја поддржува и сегашното политичко раководство.
Тежок пристап и приговори на совеста
И во Хрватска, како и во многу други земји, ова право предизвикува горлива расправа и поделби во јавноста. Абортусот во Хрватска е законски и може да се изврши до 12. недела од првиот ден на последната менструација, или до крајот на 10. недела од зачнувањето, а потоа само во посебни, оправдани околности и со одобрение од медицинска комисија.
Пристапот до абортус варира во зависност од регионот и достапноста на здравствените услуги. Во градовите често има подобар пристап до ваквите услуги одошто во руралните средини. Во пракса, пристапот до абортус е тежок бидејќи многу лекари се повикуваат на совеста и не вршат абортуси. Во некои јавни болници, нема лекар што не изразил приговор на совест.
Слична е ситуацијата и во соседната земја кандидатка Босна и Херцеговина. Таму, на жените им е законски дозволено да ја прекинат бременоста на сопствено барање до 10. недела, а потоа само поради здравствени ризици или ако бременоста е резултат на злосторство.
Иако ваквата законска рамка е релативно либерална во споредба со регионот, во извештаите на Сараевскиот отворен центар се истакнува дека жените во БиХ често наидуваат на пречки при остварувањето на ова право, вклучително и поради недоволните медицински установи што нудат услуги за абортус, различните трошоци за процедури што не се медицински оправдани и можноста лекарите да ја одбијат постапката, повикувајќи се на совеста.
Освен тоа, во БиХ не е регистриран лекот што се користи за медицински абортус (мизопростол), што значително го ограничува изборот на достапни методи.
За разлика од земјите членки на ЕУ што воведуваат иницијативи за уставно загарантирано право на абортус, во БиХ сè уште нема јавни кампањи насочени кон вметнување на правото во Уставот или кон негово издвојување како национален приоритет. Според аналитичарите, фокусот останува на достапноста на абортусот во пракса и еднаквиот пристап до услугата, а не на нови законски реформи.
Унгарија го заостри својот закон за абортус во 2022 г., обврзувајќи ги жените што размислуваат за процедурата да ги набљудуваат „виталните функции“ на фетусот, како чукањето на срцето. Владата, исто така, промовира пронаталистички мерки.
Во Италија, абортусот во теорија е законски до 90 дена (околу 12 недели), но во пракса добивањето абортус е отежнато бидејќи голем број од медицинските лица се повикуваат на совест – според статистичките податоци, од 63 до 80%. Застапниците на правото на абортус бараат реформи, меѓу кои и да се укине задолжителниот седумдневен период на чекање и да се воведе право на абортус и по 90 дена во случаите кога здравјето на жената е загрозено. Исто така, во некои региони имаше контроверзни одлуки да се вклучат активисти против абортуси во центрите за јавно здравје.
Најстроги закони за абортус
Малта ги криминализира сите абортуси, со единствен исклучок во случај кога животот на бремената жена да е во опасност или кога фетусот нема шанси да преживее. Ги заостри своите правила во 2023 г. и покрај протестите.
Една земја кај што општествената дебата е веројатно една од најгласните е непоколебливо католичката Полска. Правата на абортус се ограничени од јануари 2021 г., по одлуката на Уставниот суд кога беше одземена можноста за прекин на бременоста поради тешки и неповратни дефекти на фетусот. Во моментов, абортусот е законски само кога бременоста го доведува во опасност животот или здравјето на жената или кога е резултат на злосторство како силување или инцест.
Во поглед на општествените и политичките иницијативи, темата останува многу наелектризирана: феминистичките движења како „Штрајкот на сите жени во Полска“ се залагаат за либерализација на законите за абортус и подобрување на пристапот до репродуктивна здравствена заштита, а конзервативните групи продолжуваат да инсистираат на построги прописи.
Во 2024-25 г., владата објави одредени процедурални измени – на пример, насоки за болниците да не одбиваат да вршат законски абортуси – но самото законодавство останува многу ограничувачко.
Италијанската биоетичарка Кјара Лали од Здружението Лука Кошчиони апелира до општествата да престанат да го гледаат абортусот „само како морална дилема“. И: „Јасно е дека прашањето има морална димензија, но доброволниот прекин на бременоста е пред сè медицинска услуга“.
Жестоката расправа продолжува, поттурната од конзервативните, католичките и десничарските сили против правата на жените и либералното законодавство.
ЕНР – Брисел
ноември 1, 2025

