Свет
Се уште неизвесен конечниот победник на изборите во Холандија
 
																								
												
												
											Десно популистичката Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс и социјал-либералната Демократи 66 (Д66) на Роб Јетен водат мртва трка за победа на вчерашните вонредни парламентарни избори во Холандија.
Претпладнево, по преброени 99,6 отсто од гласовите, ПВВ првпат премина во водство со 1.269 гласови пред Д66, која беше лидер на изборите во текот на целата изборна ноќ и утрово.
Остануваат да се пребројат уште дополнителни гласови од Амстердам и Алмере, од холандските острови Бонер, Синт Еустатиус и Саба во Карипското Море, како и околу 135.000 гласови на Холанѓаните во странство.
Според последните изборни резултати, ПВВ и Д66 во новиот состав на Долниот дом на холандскиот Парламент би имале по 26 пратенички места, пред конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) со 22, блокот на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) со 20 и десно центристичкиот Христијанско-демократски повик (ЦДА) со 18 мандати.
Натаму следуваат десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈА21) која се очекува да има девет пратеници, пред десно популистичките Форум за демократија (ФВД) со седум и Движењето на земјоделците-граѓани (БББ) со четири мандати. Демохристијанската Христијанска унија (ЦУ), конзервативната Реформистичка политичка партија (СГП), Партијата за животните (ПВДД), партијата на холандските Турци, Еднаквост (Денк) и левата популистичка Социјалистичка партија (СП) би имале по три пратеници, партијата на пензионерите 50 Плус (50+) два мандати, а социјал-либералната Волт едно пратеничко место.

Во очекување на конечните изборни резултати, медиумите веќе го посочуваат лидерот на Д66, Роб Јетен како речиси сигурен нов холандски премиер, но останува неизвесно каков би бил составот на таа негова потенцијална коалициска Влада, за чие формирање ќе биде потребно здружување на најмалку четири партии.
Јетен, кого медиумите го оквалификуваат како „хибрид на Барак Обама и Марк Руте“, ноќеска кога неговата партија имаше предност во текот на броењето на гласовите изјави дека многу логична опција за коалиција е онаа на неговата Д66 со ВВД, ПВДА-ГЛ и ЦДА, која би имала 86 пратеници или 10 повеќе од потребните 76 за парламентарно мнозинство.
Но, ваквата идеја на 38-годишниот Јетен веројатно нема да биде лесно остварлива, имајќи предвид дека лидерката на ВВД, Дилан Јешилѓоз-Зехериус во текот на изборната кампања во повеќе наврати повтори дека нема да прифати коалиција со блокот на лабуристите и зелените, предводен од поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс, кој во меѓу време синоќа објави дека поднесува оставка на лидерската позиција.
Јетен би имал опција наместо лево центристичкиот блок во Владата да ја вклучи десничарската ЈА21, создавајќи, но во моментов таквата коалиција на десниот центар би имала 75 места или едно помалку од потребното мнозинство, што значи дека тој би морал да бара и петти партнер или да се реши за формирање нестабилен малцински Кабинет.
октомври 31, 2025
 
											 
											 
											 
								 
								

 
								 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										