Connect with us

Свет

Накитот од Лувр сè уште не е пронајден – осомничените делумно признаа вина

Двајцата мажи уапсени во врска со грабежот во Лувр пред две недели делумно признале вмешаност во кражбата на францусиот кралски накити, соопштија француските обвинители.

Осомничените, двајцата во триесеттите години, се сомничат дека се дел од групата која со електрични алати провалила во Галеријата Аполон и украде накит вреден околу 88 милиони евра.

Париската обвинителка Лор Бекио изјави дека накитот сè уште не е пронајден и дека групата можеби брои повеќе од четворица учесници, колку што се гледаат на безбедносните снимки.

Еден од уапсените бил приведен на аеродром додека се обидувал да се качи на лет за Алжир, додека другиот, според обвинителството, не планирал да ја напушти земјата.

ДНК траги пронајдени на местото на настанот помогнале да се идентификуваат осомничените, кои имаат криминално досие. Нема докази дека кражбата била внатрешна работа, односно дека во неа учествувал некој од вработените во музејот.

– Сè уште се надевам дека накитот ќе биде пронајден и ќе се врати во Лувр, а со тоа и на нацијата, изјави Бекио. – Овие предмети сега не се продаваат, а секој што ќе се обиде да ги купи ќе изврши кривично дело прикривање украдена стока, појасни таа..

При бегството, крадците испуштиле круна која некогаш ѝ припаѓала на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III. Сè уште се проценува степенот на оштетување на предметот.

Според истрагата, крадците биле внатре само четири минути, а целата операција траела околу седум минути. Тие влегле во музејот во 9:30 часот, користејќи украдена камионска дигалка монтирана на возило, искршиле две сигурносни витрини, зеле девет предмети вредни околу 88 милиони евра. и го напуштиле местото во 9:38, со два скутери што ги чекале надвор.

Меѓу украдените предмети се и смарагден ѓердан со повеќе од илјада дијаманти што Наполеон ѝ го подарил на својата втора сопруга, како и накит на кралиците Мари-Амели и Хортензија.

По инцидентот, Франција ги засили безбедносните мерки во сите поголеми културни институции, а Лувр ги префрли највредните експонати во сефовите на Банката на Франција, 26 метри под земја.

Во потрагата по сторителите учествуваа повеќе од сто истражители, кои анализираа над 150 ДНК примероци и предмети што крадците ги оставиле на местото на злосторството – ракавици, кацига и рефлектирачки елеци.

Двајца од осомничените признаа учество во грабежот, додека двајца соучесници сè уште се во бегство.

Овој случај фрли светлина и врз сериозните недостатоци во обезбедувањето на Лувр. Началникот на париската полиција, Патрис Фор, призна пред пратениците дека застарените безбедносни системи создале критични слаби точки.

– Не е преземен технолошкиот чекор напред, рече тој.

Фор, исто така, откри шокантен податок дека дозволата за работа на безбедносните камери во музејот истекла уште во јули и не била обновена.

За да биде ситуацијата полоша, првата дојава за грабежот не пристигнала од алармниот систем на музејот, туку од велосипедист кој од улицата ги видел мажите со кациги и дигалка и повикал полиција. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1
Маркетинг