Свет
Глобален прекин на услугите на Мајкрософт ги погоди „Хитроу“, „НатВест“ и „Мајнкрафт“
Повеќе интернет-страници и услуги, меѓу кои аеродромот Хитроу, банката НатВест и популарната игра Мајнкрафт, беа погодени од глобален прекин на услугите на Мајкрософт, јави Би-Би-Си.
Според страницата Downdetector, денеска биле пријавени илјадници проблеми на различни веб-локации низ светот.
Мајкрософт соопшти дека корисниците на Microsoft 365 може да искусат доцнење при користење на Outlook и други услуги. Компанијата наведе дека нејзината платформа Azure, која претставува основа за голем дел од интернет-инфраструктурата, претрпела „намалување на квалитетот на некои услуги“ поради проблем со DNS системот — истата причина што минатата недела предизвика сличен прекин на Amazon Web Services (AWS).
Засегнати биле и страници на британски компании, меѓу кои супермаркетот Asda и мобилниот оператор O2, додека во САД се пријавени проблеми при пристап до веб-страниците на Starbucks и Kroger.
Според Мајкрософт, прекинот бил предизвикан од „ненамерна промена во конфигурацијата“, односно техничка грешка при ажурирање на системот. Компанијата работи на пренасочување на интернет-сообраќајот за да ја врати функционалноста и објавува редовни ажурирања преку платформата Икс и својата страница за статус на услугите.
Поради техничките проблеми, работата на шкотскиот Парламент беше прекината, бидејќи системот за електронско гласање не функционирал.
НатВест соопшти дека, иако неговата интернет-страница била погодена, мобилното банкарство и телефонските услуги останале достапни.
Се проценува дека Microsoft Azure контролира околу 20 отсто од глобалниот пазар за облачни услуги, што значи дека прекин од ваков вид може да има сериозни последици за стотици апликации и системи низ светот.
октомври 30, 2025

