Connect with us

Свет

ЕП финансира курс за новинари на кој предавач е професор суспендиран поради обвинувања за сексуално вознемирување

Европскиот парламент финансира програма за обука на „млади новинари“ на парискиот Универзитет „Сајенс По“, на која меѓу предавачите е и професорот Оливие Коста, кој е суспендиран од Колеџот на Европа во белгискиот град Бриж поради обвинувања од страна на студентка за наводно сексуално вознемирување, објавија бриселските медиуми. 

Станува збор за „Школата за новинари“ што треба да се одржи од 12 до 14 јануари 2026 година и во чии рамки ќе се одржи обука за 20 новинари-почетници, со помалку од три години работно искуство во новинарството, чија цел е тие подобро да ги разберат работата на институциите и вредностите на Европската Унија, да ја усовршат својата критичка перспектива за политичките прашања и да ги зајакнат своите вештини за проверка на факти и борба против дезинформациите. 

Меѓу шестмината предавачи на „Школата за новинари“, чија организација е финансирана од ЕП, најавен е и Коста, кој минатата година беше суспендиран од Колеџот на Европа во Бриж поради обвинувања за сексуално вознемирување. 

Колеџот на Европа лани во март го раскина договорот за ангажман на Коста, по спроведената истрага врз основа на обвинувањата на студентка на оваа високообразовна институција финансирана од ЕУ, за секусално вознемирување.  

Во дописот за прекин на договорот што до Коста го упати ректорката на Колеџот на Европа и поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Федерика Могерини, само беше наведено дека нивниот „договорен однос“ се раскинува, без да бидат наведени причините за тоа. 

Раскинувањето на договорот уследи откако Комитетот на Колеџот на Европа реши дека професорот не може да продолжи со своите работни обврски, поради утврдено прекршување на Кодексот на однесување на Универзитетот со тоа што сексуално вознемирувал актуелна студентка. 

Според изјави на четири поранешни студентки на Колеџот, Коста често користел „несоодветни контакти“ со студентки. 

По суспензијата на Коста се огласи и студентката која го обвини за сексуално вознемирување, изразувајќи задоволство од одлуката. 

– Горда сум што припаѓам на институција која дава пример, покажувајќи дека ваквото однесување е неприфатливо. Се надевам дека и другите влијателни институции во кои работи, исто така, ќе се грижат за заштитата на идните жртви со преземање соодветни мерки. Ова го кажувам со надеж, имајќи ги предвид сите жени што претходно биле на моето место: јас сум неговата последна жртва на Колеџот на Европа!, наведе студентката. 

Коста, кој до раскинување на договорот беше директор на Одделот за европски политички и менаџерски студии на Колеџот, ги негира ваквите наводи за сексуално вознемирување. 

Колеџот на Европа важи за престижна високообразовна установи, чии студенти во најголем број по дипломирањето својата кариера ја продолжуваат во институциите на ЕУ или институти, фондации и тинк-тенкови поврзани со работата на Унијата.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3
Маркетинг