Connect with us

Свет

Рјабков: Русија ги продолжува подготовките за самитот Путин – Трамп

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека продолжуваат подготовките за средба помеѓу рускиот и американскиот претседател и покрај синоќешното навестување на Доналд Трамп дека состанокот се одложува на неопределено време.

Потврдуваме дека подготовките за самитот продолжуваат, наведе Рјабков, додавајќи оти нема поголеми пречки за одржување на средбата, но призна дека тоа е тежок процес.

И портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска повтори дека роковите за состанокот не се утврдени.

Сето тоа ќе дојде, но потребна е детална подготовка, посочи Песков.

Путин и Трамп во минатонеделниот телефонски разговор се договорија да се сретнат во Будимпешта, Унгарија, но американскиот претседател вчера изјави дека не сака „не сака залудна средба“ со рускиот претседател.

И американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажаа средбата на која требаше да се организира самитот во Будимпешта.

Рјабков денеска потврди дека нема договор во врска со состанокот меѓу Лавров и Рубио.

Но и покрај неизвесноста дали Трамп и Путин ќе се сретнат, унгарскиот премиер и министер за надворешни работи тврдат дека Будимпешта е подготвена да биде домаќин на претседателскиот самит.

Според претходните најави, Трамп и Путин требаа во Будимпешта да разговараат за можно решение за војната во Украина. Но, плановите беа одложени откако Москва го отфрли предлогот за итен прекин на огнот.

Претходно, Трамп наведе дека „не сака залудна средба“ со Путин, но навести дека наскоро би можеле да следат одредени случувања, додавајќи оти „јавноста ќе биде информирана во следните два дена“.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски  го оцени како „добар компромис“ предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп преговорите со Русија да почнат врз основа на актуелната линија на фронтот.

Американскиот претседател предложи двете страни да останат таму каде што се и да почнат преговори. Мислам дека тоа беше добар компромис, но не сум сигурен дека (рускиот претседател Владимир) Путин ќе го поддржи и тоа му го кажав на Трамп, посочи Зеленски.