Connect with us

Свет

Поранешниот белгиски премиер Де Кро нов директор на УНДП

Поранешниот белгиски премиер Александар де Кро ќе биде нов директор на Програмата за развој на ОН (УНДП), објави електронското издание на белгискиот весник „Морген“. 

Де Кро треба да го замени сегашниот директор на УНДП, Ахим Штајнер, кој ја напушта функцијата по мандат од шест години. 

Како прв човек на УНДП, Де Кро по автоматизам ќе биде и заменик генерален секретар на ОН. Должноста директорот на УНДП е третата највисока позиција во раководната хиерархија на Обединетите нации.

Според белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, одлуката за избор на Де Кро ја донел генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и таа сега треба и формално да биде потврдена од Генералното собрание на Светската организација. 

Кандидатурата на Де Кро за оваа функција беше најавена уште на почетокот на јуни, по што тој доби поддршка од актуелниот белгиски премиер Барт де Вевер и шефот на дипломатијата Максим Прево. 

Де Кро ја напушти премиерската функција откако неговата партија Отворени Фламански либерали и демократи оствари лоши изборни резултати на ланските парламентарни избори, освојувајќи само осум пратенички места во 150-члениот долен дом на белгискиот Парламент.