Connect with us

Свет

Европски лидери: Остануваме посветени на принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила

Обединети сме во нашата желба за праведен и траен мир што го заслужува украинскиот народ и остануваме посветени на принципот дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила, се наведува во заедничката изјава на лидерите на ЕУ и на неколку европски земји и Украина.

  • Силно ја поддржуваме позицијата на претседателот (на САД, Доналд) Трамп дека борбите треба веднаш да престанат и дека сегашната линија на фронтот треба да биде почетна точка на преговорите, се наведува во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Украина, Володимир Зеленски, на Финска, Александер Стуб и на Франција, Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и премиерите на Велика Британија, Кир Стармер, на Данска, Мете Фредериксен, на Италија, Џорџа Мелони, на Норвешка, Јонас Гар Сторе и на Полска, Доналд Туск.

Во изјавата за „Мир во Украина“ европските лидери оценуваат дека тактиките на Русија за одлагање одново покажале дека Украина е единствената страна што е сериозна во врска со мирот, додека во исто време може да се види дека рускиот претседател Владимир Путин „продолжува да избира насилство и уништување“.

  • Затоа, јасно ни е дека Украина мора да биде во најсилната можна позиција – пред, за време и по каков било прекин на огнот. Мора да го зголемиме притисокот врз економијата на Русија и нејзината одбранбена индустрија, се додека Путин не биде подготвен да склучи мир, се наведува изјавата.

Во неа се посочува дека ЕУ работи на мерки со цел искористување на целата вредност на замрзнатите руски суверени средства, со што Украина ќе ги добие ресурсите што и се потребни.

  • Лидерите ќе се состанат подоцна оваа недела на Европскиот совет и во форматот на Коалицијата на расположените за да разговараат за тоа како да се продолжи со ова и да се обезбеди понатамошна поддршка за Украина, се додава во заедничката изјава на европските лидери.

Изјавата следува по медиумските информации дека Украина е изложена на притисок да и го отстапи на Русија регионот на Донбас во замена за мир.

Во врска со ваквите информации високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас вчера изјави дека ако Украина направи територијални отстапки кон Русија, со тоа ќе се испрати порака дека агресијата се исплати и дека едноставно секој може да употреби сила против своите соседи и да го добие она што го сака.

  • Не смееме да заборавиме дека тука Русија е агресор, а Украина е жртва. Оттаму вршењето притисок врз Украина не е правилен пристап, не само за Украина, туку и за европската и глобалната безбедност, рече Калас на прес-конференцијата по вчерашниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.