Свет
Новата перуанска Влада ќе воведе вонредна состојба во Лима по бранот насилство

Новата перуанска влада синоќа објави дека има намера да прогласи вонредна состојба во главниот град Лима, по масовните демонстрации во кои едно лице загина, а повеќе од 100 беа повредени.
-Ќе објавиме одлука за прогласување вонредна состојба, барем во главниот град Лима, изјави привремениот премиер Ернесто Алварез по состанокот на владиниот кабинет.
Мерката се однесува на 10 милиони луѓе што живеат во главниот град и соседното пристаниште Каљао.
Илјадници луѓе вчера демонстрираа низ целата земја против растечката несигурност и владејачката структура.
Во судирите меѓу полицијата и демонстрантите во Лима, што беа најнасилните откако започнаа демонстрациите пред еден месец, едно лице беше убиено од полицијата, а најмалку 113 лица беа повредени, повеќето од нив полицајци, се наведува во официјалните податоци.
Во услови на вонредна состојба, владата може да ограничи одредени права како што е слободата на собирање.
-Полицискиот час не е укинат… со оглед на тоа што криминалот не ја почитува ноќта, додаде Алварез.
Тој додаде дека владата ќе воведе голем број мерки во наредните денови како дел од легализацијата на вонредната состојба.
Протестите во Перу беа интензивни во последните шест месеци против корупцијата и порастот на криминалот и против поранешната претседателка Дина Болуарте, која беше соборена минатиот четврток.
Откако парламентот гласаше за нејзин импичмент со мнозинство гласови, претседателот на парламентот Хозе Хери (38) ги презеде должностите на шеф на државата.
Демонстрациите, како и во претходните месеци во Индонезија, Непал, Кенија, Мадагаскар, ги предводат млади луѓе кои претежно припаѓаат на „Генерацијата Z“.
октомври 18, 2025