Connect with us

Свет

Милибанд ги повика британските компании да не учествуваат на тендерот за изградба на еврејска населба на Западниот Брег

Британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд ги повика британските физички и правни лица да не учествуваат на јавниот тендер за проектот Е1 за изградба на населба на Западниот Брег, предупредувајќи дека на оние што учествуваат во изградбата на нелегални населби на таа територија би можеле да им бидат воведени санкции.

– Ги повикуваме физичките и правните лица да не учествуваат на тендерите за изградба на населбата Е1. Тие треба да бидат свесни за правните последици и за последиците врз нивниот углед, вклучително и за ризикот да извршат сериозни прекршувања на меѓународното право – изјави министерот Милибанд.

Проектот Е1 би го поделил на два дела Западниот Брег, кој е под израелска окупација, и би го одвоил од Источен Ерусалим, со што дополнително би се расцепкала територијата за која Палестинците се надеваат дека ќе стане централен дел на нивната идна држава. Многу западни земји се спротивставија на проектот поради стравувањата дека тој би ги осуетил идните напори за постигнување мировен договор со Палестинците.

Во меѓувреме, пропалестинска група наречена „Листата“ презеде одговорност за низа вандалски напади врз домовите на директори и вработени во компании од одбранбениот сектор во јужна Англија и Шкотска, по што полицијата соопшти дека е отворена истрага.

Групата на својата интернет-страница соопшти дека цел на нападите биле оперативниот директор на компанијата „Ултра Ај енд Си“ во грофовијата Хемпшир, во јужна Англија, вработен во компанијата „Кејсајт Технолоџис“, како и инженер што работи за меѓународната компанија „Леонардо“ во Шкотска. Портпарол на компанијата „Леонардо“ потврди дека инцидентот го погодил домот на еден од нивните вработени и дека компанијата соработува со антитерористичката полиција во рамките на истрагата.

„Овие компании стануваат отворени соучесници во геноцидот што се врши врз нашите браќа и сестри во Палестина“, соопшти групата „Листата“.

На видеоснимка објавена од оваа група се гледа лице како истура црвена боја врз неколку автомобили и врз фасада на куќа, додека на друга снимка се гледа лице кое ги дупчи гумите на автомобил паркиран пред куќа. Снимките биле направени во градот Флит, во грофовијата Хемпшир, југозападно од Лондон. Локалната полиција изјави дека го истражува инцидентот, за кој била поднесена пријава на 10 октомври.

Покрај ова, на 11 октомври шкотската полиција соопшти дека истражува „вандалски чин извршен врз имот и автомобили“ во Данфермлин, град северно од Единбург.

На својата интернет-страница пропалестинската група наведе дека претходно оваа година спровела акции и против вработени во други компании од одбранбениот сектор, меѓу кои и израелската компанија „Елбит Системс“, заканувајќи се со напади врз други лица за чии лични адреси и имиња веќе располага. Во минатото, „Елбит Системс“ беше цел на напади од пропалестински активисти, вклучително и од членови на групата „Акција за Палестина“, која во моментов е забранета и вклучена на списокот на терористички организации на британските власти.

Ad
Ad